ДОНЕВ:Сменил хотел од полоша категорија за подобар, а исто така имал и шопинг за приватни цели

  • February 16, 2018

Донев не платил од својот џеб ниту за бизнис-класата од Јапонија.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев, не ги платил сам трошоците за летот во бизнис-класата од Јапонија како што претходно тврдеше за „Макфакс“ и сè уште ги нема вратено трошоците за бизнис-класата за летот во Аргентина, кој, најверојатно, чинел 260.950 денари, а не 220 илјади денари. Вкупната сума за авиобилетот за Јапонија е околу две илјади евра, а разликата за бизнис-класа изнесувала околу 600 евра.

„Трошоците направени за доплата за бизнис-класа за еден правец на релација Токио-Скопје се направени со службена картичка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во вкупен износ од 35.209 денари и тие се на товар на АППТ“, велат од таму за „Макфакс“ за летот од Јапонија на ексдиректорот Александар Донев.

„Макфакс“ претходно објави дека разрешениот директор не летал со бизнис-класа само до Аргентина, туку и на службеното патување на враќање од Јапонија. Александар Донев во изјава за „Макфакс“ рече дека бизнис-класата на авиобилетот од Јапонија ја покрил самиот од свој трошок, но од оваа институција го тврдат спротивното. Тој во изјави за медиумите претходно тврдеше дека со бизнис-класа летал единствено за Аргентина.

Интересни се и појаснувањата што ги добивме во однос на трошоците за патот во Аргентина, каде што за авиобилети не биле потрошени 220 илјади денари, како што Донев често споменуваше во јавноста, туку 433.950 денари или повеќе од седум илјади евра. Иако во изјава за „Макфакс“ тој рече дека во овие пари, освен за два авиобилета, еден внатре во Аргентина и еден до таму, веројатно влегуваат и трошоците за сместување или локални патни трошоци, овие средства, според Агенцијата, всушност, се потрошени за два авиобилета.

Едниот билет за Аргентина, кој, најверојатно, се однесува на билетот во самата земја, изнесувал 173.225 денари, а другиот, кој, најверојатно, се однесува на летот со бизнис-класа, всушност, изнесува 260.950 денари. Доколку овој лет е оној со кој Донев летал во бизнис-класа, тогаш потрошената разлика од билет за економска класа, за кој се говореше дека изнесува околу 180 илјади денари, е драстично поголема, или околу 80 илјади денари. Трошоците за хотелот „Хилтон“, каде што престојувал Донев, се дополнителни трошоци од службената картичка што ја користел.

Тој во разговор за „Макфакс“ тврдеше дека единствени ненаменски потрошени средства се оние од разликата од 40 илјади денари за билетот за бизнис-класата за кои неколкупати вети дека ќе ги врати и е во комуникација со Министерството за труд и социјална политика, кое, според него, треба да направи процена и спецификација за сензорна соба за децата со посебни потреби и тврди дека штом ќе добие таква информација оттаму, ќе ги донира парите. Од друга страна, од Министерството за труд и социјална политика неодамна за „Макфакс“ одговорија дека Донев не мора да чека никаква спецификација од нив, туку може, како и секој граѓанин, да реализира уплата на средства за донација во кое било време.

Од Агенцијата го потврдуваат тврдењето на Александар Донев дека ги вратил средствата за кои „Макфакс“ пишуваше дека Александар Донев ги потрошил за приватни цели при пазарење во две продавници во Токио и Аргентина.

„Потрошените средства за приватни цели од службената картичка во износ од 5.384 денари направени во Аргентина и 22.476 денари направени во Токио, во вкупен износ од 27.860 денари, потврдуваме дека се вратени на сметката на АППТ“, велат од Агенцијата во одговорот до „Макфакс“.

Донев од септември 2017 до јануари годинава имал 11 закажани патувања за кои за авиобилети и патни трошоци биле потрошени околу 12.772 евра. Пет од купените авионски билети не се реализирани – за патувања на саеми во Полска – Варшава, Шпанија – Сантјаго де Компостела, Турција – Истанбул, Белгија – Брисел и Израел – Тел Авив.

Александар Донев во разговор за „Макфакс“ рече дека пропаднале само два купени авионски билета – за саемите во Брисел и Израел – поради тоа што тие се поклопиле со неговото разрешување и немало можност да се откажат навреме. За преостанатите билети вели дека средствата не пропаднале, туку биле пренаменети за други билети.

Од Агенцијата во однос на тоа дали средствата што биле исплатени за нереализираните билети се пренаменети за други авиобилети, велат:

„Во согласност со одговорот на претходното ваше барање за информации од јавен карактер, а во однос на табелата за трошоци на авиобилети, ве известуваме дека во полињата каде што стои забелешка нереализиран пат, лицето не е заминато на службеното патување, а средствата се исплатени по основ на издадени авиобилети“.

„Макфакс “претходно објави дека ексдиректорот на Агенцијата за туризам, Александар Донев, во Буенос Аирес, Аргентина, спиел во познатиот синџир луксузни хотели „Хилтон“, летал со бизнис-класа и на патувањето за назад од Јапонија и не искористил купени авионски билети. Според извештаите на Агенцијата и од неговата службена картичка до кои дојде „Макфакс“ преку барање за слободен пристап до информации, Донев во Лондон сменил хотел од полоша категорија за подобар, а исто така имал и шопинг за приватни цели во најмалку две продавници – една во Аргентина и една во Токио, средства што подоцна ги вратил на службената сметка.

Претходно «
Следно »