ЕДНОГЛАСНО И БЕЗ СРАМ: Членовите на ДИК нема да ги враќаат бонусите, туку јавно ќе ја објавеле одлуката со која си доделиле по пет плати

  • December 5, 2017

Членовите на Државната изборна комисија на денешната седница едногласно одлучија да ја објават на веб страната на ДИК одлуката за доделување на надоместоци за членовите и службите. Со тоа одлуката ќе биде објавена еден месец подоцна, затоа што била донесена на 16.11.2017 година.

Како што рече претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски, не постојат правни можности одлуката да биде отповикана, затоа, додаде, средствата ќе ги донира во организации и здруженија на граѓани кои работат на проблематиката со изборите.

Тој ги прекори службите затоа што одлуката била скриена од јавноста.

-Ги прифаќам критиките по однос на транспарентноста. Сметам дека транспарентноста треба да ја зголемиме, меѓутоа останаа дел од забелешките изнесени во јавноста на кои мора да поработиме. Има и од моја страна пропусти и на страна на членовите и на страна на службата која е должна да ги објавува одлуките за да и бидат достапени на јавноста – рече Чичаковски.

Стручната служба беше задолжена веднаш да го објави овој заклучок на Комисијата на веб страната, како и претходно донесените одлуки.

Чичаковски додаде дека останува во целост зад донесената одлука за исплата  на надоместоци.

-Сметам дека се целосно законити и целосно оправдани од причина што ДИК во овој состав успеа во деликатни околности и политичка криза да спроведе фер и кредибилни предвремени и локални избори и сметам дека допринесовме да се стабилизира политичкиот и демократскиот систем во Република Македонија – рече тој.

Претседателот на Комисијата додаде дека кога се разговара за висината на наградата треба да се земе предвид и тежината на работата која опфаќа одговорност кон поставените задачи.

-Сепак сметам дека оваа одлука не го издржа судот на јавноста, тоа е повеќе од очигледно – посочи тој.

Претходно «
Следно »