ЕКОНОМИЈАТА ПАЃА, НЕ СЕ ИСПОЛНУВААТ ПРОЕКЦИИТЕ НА ВЛАДАТА: Економскиот (НЕ)раст спротивен на проекциите на Владата

  • January 29, 2019

Во 2018 растот на БДП изнесувал 2 процента, како одраз на личната потрошувачка, поддржана од растот на вработеноста како и кредитирањето на домаќинствата, оценува Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во соопштение кое беше лиферувано денеска по повод завршувањето на редовните годишни консултации со Македонија.

Овој процент на раст отстапува од последната проекција на Министерството за финансии и на Владата за раст на БДП за 2018 година од  2,8 %. Според ММФ буџетскиот дефицит во 2018 се намалил умерено на 2,6 проценти од БДП, а јавниот долг на крај на годината се оценува на 50,7 проценти од БДП. За 2019 година, ММФ проектира економски раст од 2,8 проценти и инфлација од 1,8 проценти.

Да потсетеме растот на економијата во 2017 година изнесуваше 0,1 %.

Со овие податоци просечниот раст на македонската економија во последниве две години изнесува 1 процент што е далеку од ветувањето од раст од 5 % на годишно ниво дадено од актуелната Влада предводена од СДСМ во предизборието, а дури и проекциите за раст на економијата во 2019 година од 3.2% исто така не се ни приближни до ветените 5%.

Со овие резултати Македонија е на последното место по раст на економијата на Балканот.

Подобри од Македонија се сите: Србија, Албанија и Косово со највисок раст од 4 отсто. Црна Гора со раст од 3.7%, Босна и Херцеговина од 3.2%. додека Хрватска има економски раст од 2,8 отсто.

Во однос на перспективите за започнување на преговорите за членство во ЕУ, ММФ ја истакнува важноста на спроведување амбициозна агенда на структурни реформи со цел подигање на растот на продуктивноста и забрзување на конвергенцијата на доходот, при обновување на просторот на фискалната политика и надворешните бафери.

Како што наведуваат, по стагнацијата во 2017 година, во првите три квартали на 2018 година дојде до умерено закрепнување на економскиот раст.

Извршниот одбор на ММФ се согласува дека на среден рок е потребна постепена и стабилна фискална консолидација кон врамнотежено примарно буџетско салдо со цел поставување на јавниот долг на цврста надолна траекторија. Ги поздравува неодамнешните мерки насочени кон намалување на пензискиот дефицит и подобрување на таргетирањето на социјалната помош и се охрабруваат понатамошните напори за зајакнување на управувањето со јавните финансии и зголемување на фискалната транспарентност.

Во делот на структурните политики, Извршниот одбор смета дека е потребна мултидимензионална стратегија за справување со слабостите на пазарот на труд кои го забавуваат растот. Препорачува зајакнување на квалитетот на средното и стручното образование и пренасочување на високото образование кон обезбедување вештини потребни на стопанството. Активните мерки на пазарот на труд треба и понатаму да ги таргетираат младите и долгорочно невработените, но со поголем фокус на изградба на вештини и олеснување на преминот од образование кон работа, укажуваат од ИО на ММФ.

Ги повикуваат властите да ја задржат цврстата посветеност кон спроведувањето на клучните институционални реформи кои го зајакнуваат владеењето, ја намалуваат корупцијата и обезбедуваат ефективно владеење на правото. Тоа, сметаат, ќе биде клучно за подобрување на инвестициската клима и намалување на неформалната економија, како и за почнување на преговорите за членство во ЕУ.

ММФ истовремено го објави и редовниот извештај за Македонија, кој е резултат на редовната Мисија на ММФ во Македонија од 8 до 21 ноември минатата година.

Претходно «
Следно »