ЕКОНОМСКИТЕ ЕКСПЕРТИ ПЕСИМИСТИ ЗА 2019: Новата економска година едноставно ќе биде огледало пресликано на 2018 година

  • December 27, 2018
  • Коментари

Економостите се песимисти и не веруваат дека ќе се случат некакви драстични промени што ќе придвижат македонската економија наредната 2019 година. Тие додаваат дека долем дел од очекувањата и ветувањата кои оваа Влада ги даде не беа исполнети во текот на оваа година.

Разговарајќи во дебатната емисија “Економски магазин“ на Алсат –м телевизија, Марјан Николов од Центарот за економски анализи, истакна дека голем дел од очекувањата и на Владата и на граѓаните во 2018 година не беа исполнети и дека Власта нема да тргне раце од пазарната економија и дека ќе продолжи со нејзиното субвенционирање на стопанството што се гледа и во волуменот на буџетот.

– Очекувањата не беа исполнети во делот на даночната политика. Во делот на она што значи оттргнување на главното влијание на државата на пазарите, консолидирање на нерамнотежите кои што се јавуваат во македонската економија и тоа е оцртано во волуменот на буџетот на Република Македонија, што значи дека и во 2019 година ќе продолжат со главните системски правци кои беа поставени во последните години. Очекувам силно влијание на државата во 2019, преку буџетот. Субвенционирањето и интервенциите на пазарот веќе стануваат трајна определба на политичките елити. Значи тие на тоа нема да гледаат само како транзитна мерка за да може да се менаџираат одредени пазарни неуспеси, туку го третираат како трајна определба, под притисок и на бизнис секторот, кој што успеа да воведи и една девијација во пазарната економија со тоа што поставија свое столче во владата на Република Македонија, рече Ноколов.

Поради тоа, додаде тој, не очекувам дека ќе има некои драматични разлики во 2019 година во споредба со 2018 година. 2019 година едноставно ќе биде огледало пресликано на 2018 година.

На исти или сличен став беше и неговиот соговорник, универзитетскиот професор Марјан Петрески, кој вели дека годинава имавме целосна потиснатост на економските прашања на сметка на надворешно политичките прашања и дека во 2018 година се случуваа политики или најави за политики кои главно генерираат неизвесност во економијата.

Петрески исто така додаде дека е нејасна економска визија на владата како да го постигне проектираниот раст на БДП од 5%.

– Мислам дека во целиот овој период во кој што е Владата, а таа веќе не е нова, веќе година и пол како е формирана, она што некако остана сеуште да лебди како нејасно, е економската визија, останува отворено прашањето како ќе се постигне зацртаниот раст на владата од 5%? Од една страна се зборува за зголемување на колачот преку извоз, инвестиции и тн., а од друга страна пак неизвесноста која што постоеше во делот на фискалната политика произлегуваше од намерата да се протне приказната за намерата на редистрибуцијата на еднаквоста во општеството. И сега на крајот на годината и со донесувањето на Законот за данок на личен доход, мислам дека почнува да преовладува таа матрица во која што овие редистрибутивни центри остануваат поважни од политиките кои што ќе значат зголемување на колачот преку инвестиции и извоз, истакна Марјан Петрески.

Претходно «
Следно »