ЕЛЕКТРОНСКИОТ ДНЕВНИК НЕ РАБОТИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ШКОЛСКАТА ГОДИНА: МОН сеуште бара фирама за да го врати во функција Е-дневникот

  • November 28, 2018

Електронскиот дневник не работи од почетокот на оваа учебна година. Наставниците не можат да внесуваат податоци ниту оценки во него бидејќи страницата не е во функција.

– Засега пишуваме се` што е потребно само во пишаниот дневник. Чекаме насоки од администраторот кога да почнеме да внесуваме оцени и во електронска форма. Родителите на учениците сега не добиваат смс-пораки за изостаноците и оценките на нивните деца, бидејќи има некаков проблем во системот. Праксата покажа дека е-дневникот е добра алатка зашто родителите редовно добиваа информации за успехот на учениците – вели Драгица Поповска, за Мета, одделенски наставник во основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел.

Во Министерството за образование објаснуваат дека има технички проблеми кои се` уште се решаваат.

„Во моментов компанијата која е избрана преку спроведена јавна набавка за ажурирање и одржување на електронскиот дневник, работи на надминување на извесни технички предизвици и надградба на системот, но и на ажурирање на податоците. Така што, по завршувањето на предвидените активности и тестирање на платформата, наставниците ќе продолжат непречено да го користат електронскиот дневник. Тој задолжително се пополнува и ќе треба да се пополни, согласно актуелните законски прописи“, информираат од МОН.

Со тоа, додаваат од МОН, и родителите/старателите на учениците ќе продолжат да имаат брз и едноставен увид во оценките и поведението на своите деца.

Електронскиот дневник беше воведен во февруари 2011 година. Сите наставници во државата имаат законска обврска редовно да го пополнуваат, исто како што го пополнуваат и пишаниот дневник. Овој проект имаше за цел да ја подобри комуникацијата меѓу наставниците и родителите, но праксата покажа дека системот често им тренира нерви на просветниците бидејќи „паѓаше“, со што им беше овозможено да го пополнуваат навремено. Проблемите беа изразени пред крај на учебна година, кога речиси 20.000 наставници во исто време пополнуваа конечни оценки на сите ученици во Е-дневникот.

Претходно «
Следно »