ЕЛЕМ продаде нови вишоци електрична енергија за 6,5 милиони евра

  • September 13, 2018

АД „Електрани на Македонија“ на 7 септември продаде вишоци електрична енергија во количина од 99.400 мегават-часа за сума од 6.561.055 евра. Просечната цена што се постигна беше 66,01 евра за мегават-час, соопшти компанијата.

Поконкретно, АД ЕЛЕМ продаде електрична енергија за четвртиот квартал од оваа година (октомври, ноември и декември), и тоа 88.360 мегават-часа базна енергија за периодот октомври, ноември и декември, и 11.040 мегават-часа врвна енергија за октомври. На аукцијата што се одржа учествуваа 7 компании, кои беа заинтересирани купувачи, и по повеќе наддавање, се дојде до пресечната цена.

На Унгарската берза на електрична енергија (HUPX) цената за базна, односно врвна енегија, изнесува: базна енергија за трет квартал = 65,40 евра и врвна енергија за октомври 76,50 евра.

АД ЕЛЕМ во текот на годинава шест пати продаваше вишоци електрична енергија на отворениот пазар. Преку овие аукции оваа година се продадоа вкупно 319.960 мегават-часа електрична енергија во вкупна вредност од 18.156.693 евра.

„Нашиот план и нашата цел како ЕЛЕМ и како раководство на компанијата се и натаму да продолжиме со ова темпо. Секако, во пресрет на грејната сезона нашиот приоритет во овој период, пред сè, ќе биде да произведуваме за тарифните потрошувачи и да го одржуваме стабилен системот на снабдување со електрична енергија. Сè што е вишок, секако, може да оди на продажба на отворениот пазар“, велат од ЕЛЕМ.

Претходно «
Следно »