ЕРДОГАН: „САД го завршија својот дел во Сирија“

  • December 25, 2018

Tурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) го завршиле својот дел со одлуката за повлекување на своите војници од Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).

Во изјава за новинарите Ердоган рече дека тие повеќе се фокусираат на најавеното повлекување на американските трупи отколку на изјавата на францускиот претседател дека француските војници ќе останат.

„Ние продолжуваме со нашата соработка со американскиот претседател Доналд Трамп во однос на Сирија“, рече Ердоган.

„Америка го заврши својот дел“, додаде турскиот претседател.

Тој нагласи дека се направени подготовки за можна средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Ердоган даде назнаки дека наскоро ќе започне прекуграничната операција против терористичката ПЈД/ЈПГ во Сирија, која најверојатно ќе ги вклучи и подрачјата каде што моментално се наоѓаат американските војници. Од 2016 година Турција спроведе две слични воени операции во северна Сирија.

Трамп минатата недела изненадно соопшти дека САД ќе ги повлечат своите војници од Сирија. Неговата одлука следуваше набргу по телефонскиот разговор со турскиот претседател Ердоган во кој двајцата лидери се согласија за потребата од поефикасна координација во Сирија.

Ердоган денес истакна и дека 2019 година ќе ја прогласи за Година на Гобеклитепе, во чест на храмот во југоисточната турска област Шанлиурфа, стар 12.000 години, најстариот храм во светот.

Гобеклитепе е додаден на Листата за светско наследство на УНЕСКО во јуни.

Претходно «
Следно »