ЖЕСТОКИ РЕАКЦИИ НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА: Прогресивното оданочување е донесено без да се послушаат барањата на компаниите

  • November 28, 2018

Бизнис заедницата со остри реакции до Владата. Законот за личен доход со кој се воведува прогресивното оданочување е донесен без да се послушаат барањата на компаниите. Четирите стопански комори во Македонија обвинуваат дека ова законско решение е доставено до Собранието да се донесе по скратена постапка пред истекот на рокот за доставување на забелешки. Велат дека со ваквиот потег на Владата се нарушува партнерскиот однос меѓу приватниот и јавниот сектор. Законот предвидува од следната година да се воведе прогресивен данок наместо досегашниот рамен данок од 18 проценти на приходи над 1.500 евра.

Став на четирите Стопански комори:

Ваквиот вид на ад хок измени не ù одат во прилог на држава која изминатите неколку години ги помина во правна несигурност и економска криза заради што целокупната економија беше ставена пред предизвик на опстанок.“

Владата на седницата одржана минатата недела го донесе Предлог-законот за личен доход. Тогаш владиниот портпарол кажа дека 15 дена јавна дебата биле доволни за граѓаните и компаниите да ги достават своите забелешки. Но, сепак законското решение беше донесено без да бидат имплементирани дел од барањата на бизнис-заедницата.

„Секако дебатата е сè уште отворена каде што ќе се префрли во Собранието каде што ќе треба по скратена постапка да се направат одредени комисиски расправи. Меѓутоа законското решение е тоа што го презентираа министерот за финансии и министерката за труд и социјална политика“, рече Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.

Стопанските комори бараат воведувањето на прогресивен данок да биде одложено за пет години. Сметаат дека ваквото решение ќе доведе до зголемување на појавата да се избегнува да се плати данок, но ќе се интензивира и работата на црно. Прагот од 1.500 евра според бизнис заедницата е многу низок, а најголем удар ќе има кај вработените во ИТ секторот кои би можеле да донесат одлука да си заминат од земјава.

Со предлог законот, за личен доход се воведува данок од 18 отсто за оние чии месечни нето приходи се над 90 илјади денари. Реформата предвидува и данок од 15 отсто на капиталните добивки наместо актуелните 10 отсто, додека новопредложениот данок на камати од депозити засега се одложува од 2020 година.

Претходно «
Следно »