Загрижувачки информации: Зависноста од мобилните телефони станува секојдневие

  • March 21, 2019

Мобилните телефони стануваат неопходен дел од нашето секојдневно живеење. Присутни се кај целата популација без разлика на возраста – ги користат деца, возрасни, стари… Без мобилниот телефон не можеме да поминеме ниту една минута. Бројни се примерите кога поради заборавен телефон се враќаме дома да го земеме, кога гледаме во телефон поминувајќи улица, кога возиме и разговараме на мобилен телефон, кога седиме со пријателите и наместо да разговараме, гледаме во телефонот…

Истражувањата покажуваат дека 26 проценти од луѓето го бараат мобилниот телефон додека разговараат на него, а и многу помалку време им треба да сфатат дека го изгубиле мобилниот телефон, отколку кога ќе изгубат паричник или некоја друга вредна работа.

– Можноста за комбинирање повеќе функции во еден мал апарат што можете да го ставите во џеб овозможува поголема мобилност и забава. Како во професионалниот така и во приватниот дел од животот, овие телефони ги прошируваат нашите способности и ни помагаат брзо, навремено и ефикасно да ги решаваме проблемите. Така, самата природа на паметните телефони прави нивното отсуство мошне брзо да го констатираме и тоа да доведе до наша вознемиреност, вели проф. д-р Маријана Марковиќ од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

За тоа колку сме зависни од телефоните говори и податокот дека барем шест часа повремено поминуваме на интернет, а само на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм кликнуваме до 30 пати дневно додека вечераме, додека сме во театар, кино или седиме со пријатели.

Користењето на мобилните телефони го одвлекува вниманието, па оттука постои опасност да не забележиме дека има автомобил кога поминуваме улица, да не внимаваме додека возиме, да не сме концентрирани на работа… Мобилните телефони и апликациите што ги нудат се причина и децата да не ја следат наставата на училиште, поради што наставниците имаат проблеми со концентрацијата на децата на часовите.

Професорката Марковиќ вели дека не може да се откажеме од мобилните телефони, но она на што треба да работиме и да се учиме е културата на употреба на овие телефони.

– Појавата и употребата на паметните телефони е во согласност со феноменологијата на современото живеење каде што сè е достапно за многу кратко време и каде што далечината/бризината се релативни категории. Корисноста на паметните телефони не може да се спори, не би можеле да замислиме да живееме повторно во времето на старите, фиксни телефони, кои за младите генерации се можеби и непознати. Ниту еден технолошки производ не е сам по себе лош или добар. Начинот на кој ги користиме нештата можат да бидат корисни или штетни по нас или по другите. Токму заради тоа и треба да се учиме на култура на употреба на, во случајов, паметните телефони, истакнува Марковиќ.

Но, за да почнеме да ги менуваме навиките и да ги користиме паметните телефони само кога навистина ни се неопходни, треба првично да станеме свесни дека сме зависни од нив. Промената на навиката, велат психолозите, се случува во оној момент кога ќе станеме свесни што правиме, како се однесуваме, како реагираме и во која функција е нашето однесување.

– Со оглед на фактот дека наставниците секој час имаат проблем со ученици кои не ја следат наставата поради користење на паметните телефони, промената на навиките би било добро да почне да се случува во училиштата преку добро осмислени програми, вели професорката Марковиќ.

Таа напоменува дека треба да се прави разлика меѓу вообичаените навики на употреба на паметните теелфони од проблематичната употреба на телефоните. Под проблематична употреба се подразбираат ситуациите кога личноста не е во можност да ја контролира употребата на паметниот телефон што има негативен одраз врз секојдневното живеење.

– Вака дефинираната употреба на паметните телефони станува здравствен проблем, кој бара посебен третман, појаснува професорката Марковиќ.

Сè уште постојат дилеми дали паметните телефони влијаат врз здравјето

Сè уште постојат дилеми дали радиофреквенциите од мобилните телефони имаат негативно влијание врз здравјето на луѓето и се причинител за низа болести. Спроведени се бројни научни истражувања, но и понатаму мислењата се спротивставени. Едни сметаат дека телефонот има штетно влијание и може да биде причина за појава на алергии, стареење на кожата и рак, додека други велат дека нема причина за загриженост и оти изложеноста на зраците од мобилните телефони нема штетно влијание врз здравјето. Сепак, се препорачува да се користат мобилните телефони што е можно пократко и да се избере модел на телефон што помалку зрачи.

Од друга страна, Светската здравствена организација советува децата помали од две години да не играат со мобилни телефони затоа што во периодот на развој на нивниот нервен систем може да бидат поподложни на досега неоткриени здравствени ризици. Затоа се препорачува родителите да влијаат врз децата така што, наместо повеќе време да поминуваат на мобилен телефон, ќе ги натераат да се занимаваат со други активности.

Претходно «
Следно »