ЗАЕВ ДЕНЕС ГО МОЛИ КАСАМИ ЗА СЕВЕРНА: Ќе сторел се да се истурка процесот до крај!

  • January 4, 2019

Виси двотретинското мнозинство за промена на Уставот – Заев ќе бара поддршка од БЕСА на Касами и Алијанса на Албанците. По сите отстапки, амнестии и попуштања премиерот сега најавува дека ќе преговара со Биљаљ Касами од Беса, како и со претставници на Алијансата за Албанците. Оптимист е – ќе сторел се да се истурка процесот.

„Ќе следи дебата по амандманите, што ќе трае три дена. Ќе сторам сè што е во моја можност да го истуркаме овој процес. Оптимист сум дека ќе имаме 2/3 мнозинство. Ќе се сретнам утре со Касами и ќе разговараме за важни прашања. Беса и Алијансата за Албанците се расположени да ги поддржат интеграциските процеси“, рече Заев.

Касами пред една недела побара од Заев да седнат на маса и да разговараат за неговите услови. БЕСА бара освен амандманите согласно со Преспанскиот договор, Уставот да претрпи измени со кои, како што велат, ќе се унапредат правата на Албанците. Во спротивно, премиерот ќе треба да си бара други гласови за да обезбеди двотретинско мнозинство.

-За нас е важно премиерот да седне да видиме кои се можностите, во кој дел може да се прифатат нашите барања. До сега немаше таква атмосфера. Ако вака се продолжи тогаш најверојатно мнозинството треба да размислува да најде уште гласови. Значи бараме мнозинството да седне со нас и да ги разгледаме нашите барања – порача Касами.

Барањата на БЕСА се албанскиот јазик да се изедначи со македонскиот и да биде службен на цела територија, државата да се грижи подеднакво за граѓаните од сите етнички заедници надвор од границите, претседателот на државата да не може да го блокира донесувањето на законите и Охридскиот Рамковен договор да биде дел од преамбулата на уставот.За овие предлози на БЕСА, премиерот во октомври изјави дека не треба да се шири Пандорината кутија, затоа што никој немал право да го условува патот на земјата кон ЕУ и НАТО.

За што ќе се разговара пак со Алијанса за Албанците допрва ќе се види, имајки во предвид дека Зијадин Села, е нервозен поради одлуката за амнестија за настаните во Собранието од 27 април.

Претходно «
Следно »