Заев: Имаме драстичен пад на приходите, товар треба да понесат најбогатите

  • March 25, 2020
  • Коментари

Најбогатите во државата треба да понесат најголем дел од товарот на економската криза што е последица на коронавирусот, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев во денешното гостување на „Утрински брифинг“ во „Слободна ТВ“.


„Државата е во драстичен пад на приходите кои на почетокот на април се очекува да бидат меѓу 30 до 40 отсто. Граѓаните се дома и не трошат, не работат објектите, транспортот е преполовен, не се движиме, не се плаќаат ниту сметки. Голем дел на производствените капацитети се затворени или хибернираат, затоа не се плаќа и данок кон државата. И ако за тоа не го подготвиме нашиот народ, тогаш сме голи популисти и само бркаме политички поени. Кратењето мора да се случува од секаде затоа што 60 отсто помалку приход значи недостаток за финансирање на сите расходи. И да најдеме други пари, пак мора да кратиме од дома. И да се шири гол популизам не е во ред. Големите земји ги земаа парите и сега има се помалку пари, но се надевам дека ќе најдеме евтини пари и треба чесно да кажеме дека мора да кратиме. Колку побрзо носиме храбри одлуки за солидарност, толку побрзо ќе излеземе од тешката економска криза“, изјави Заев.

Тој се осврна и на предлогот на СДСМ за кратење на платите што, како што рече, бил погрешно сфатен и изваден од контекст. Притоа истакна дека тоа е само предлог што не значи дека ќе биде прифатен од Владата.

„Владата треба да ги слушне мислењата на сите партии и на експертите. Излегов да соопштам мерки кои значат и мерки за штедење и не очекувам да бидат сите прифатени. Предложените мерките произлегоа по консултации со многу експерти, но одлуката е на Владата. И ние се бориме на пазарот на гласови, но кога доаѓа тешко време некој треба да соопшти и непопуларни мерки. Жалам што дебатата се насочи кон намалувањето на платите на администрацијата. Главниот пакет беше како да и се помогне на економијата. Самиот пакет на мерки се основа на кратењето на непродуктивните трошоци на Владата. Првиот чекор е кратењето на непродуктивните трошења, вториот е заштеда преку огромните трошоци кои одат на плата“, вели лидерот на СДСМ.

Претходно «