ЗАЕВ MOЛИ ЗА ПРЕГОВОРИ ВО ЈУНИ: Холандија и Франција гласно против старт на преговорите на Македонија со ЕУ!

  • March 19, 2019

Премиерот Заев во мисија во Брисел да ги убеди членките на ЕУ да прифатат отпочнување на пристапни преговори за нашата земја во јуни. Иако Франција и Холандија јасно се противат на проширувањето се додека европското семејство не се реформира, Заев верува дека добивањето на датумот е можно доколку се спроведат препораките за реформите предвидени со заклучоците на Европскиот совет од минатата година. Придружуван од министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров тој претседаваше со петнаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација од каде беше испратена порака: Спогодбата за стабилизација и асоцијација останува во сржта на односите со Брисел сѐ додека земјата не влезе во ЕУ.

-Советот за стабилизација и асоцијација ја зеде предвид главната цел на земјата да отпочне преговори за пристапување и ја потврди силната посветеност на новата Влада кон оваа цел. Советот за стабилизација и асоцијација го поздрави фактот дека Европскиот совет го утврди патот кон отворање на преговорите за пристапување во јуни 2019 врз основа на континуиран напредок и опипливи резултати, со одржување и продлабочување на сегашната реформска динамика – стои во заедничкото соопштение издадено по состанокот.

На средбата со Могерини пак, македонската делегација добила охрабрување пред јуни државата да ги спроведе преостанатите мерки за комплетирање на реформите предвидени со заклучоците на Европскиот совет. Било потенцирано дека успешното спроведување на фер, демократски и слободни претседателски избори е клучно и приоритетно, а било истакнато и дека сите очекуваат конструктивен пристап и учество на опозицијата во изборите, како и во реформските процеси.

Високи дипломатски извори во Брисел изјавија дека отворањето преговори со Македонија во јуни ќе биде приоритет на романското претседателство, но неизвесноста ќе трае сѐ додека не се објави извештајот на ЕК. Со оглед на претстојните избори за Европскиот парламент и на негативната перцепција на европската јавност околу проширувањето, ЕК одлучи да ги одложи извештаите за земјите од Западниот Балкан за првата седмица по изборите. Советот за општи работи, пак, е предвиден за 18 јуни, што не остава многу време за земјите членки да ги разгледаат наодите на ЕК и да донесат одлука.

Претходно «
Следно »