ЗАЕВ МОРА ДА СЕ САМОЦЕНЗУРИРА: Не смее да изусти Македонија, а од друга страна сака да ги убеди граѓаните дека договорил јакнење на македонскиот идентитет

  • July 9, 2018

Празните флоскули и пресови од СДСМ за пренасочување на вниманието на јавноста нема да ги решат проблемите на граѓаните кои што токму СДСМ и Зоран Заев им ги наталожи. Пред се станува збор со економската бездна во која Заев и неговиот картел ја втурнаа Република Македонија, како и лажната претстава која што ја креира Заев и неговото министерство за вистина за некаква добробит од Спогодбата со Грција, ова денеска на прес конференција го потенцираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

-И граѓаните и меѓународната јавност се свесни дека носечкиот столб за евроатланските интеграции е ВМРО-ДПМНЕ. Доказ за тоа се сите спроведени реформи заради кои Република Македонија напредуваше на тој пат низ годините, добиваше низа последователни препораки за отпочнување на преговорите со ЕУ, доби визна либерализација за Шенген зоната, а ги исполни и сите услови за членство на Република Македонија во НАТО. Тие препораки и покани беа добиени врз основа на работа и постигнување на критериумите спроведени токму од ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, граѓаните ги чувствуваа придобивките и во животот и во односите со администрација и придобивките во економијата внатре во семејствата. Годинава, Зоран Заев и неговата свита не ги отпочнаа преговорите за членство во ЕУ, туку добија датум за датум од ЕУ и можност за иста формулација за НАТО. Но, неработењето не е забележано само од тие институции. Всушност, Зоран Заев и СДСМ немаат одговор пред потребите на граѓаните. Зоран Заев ги предаде македонската историја, идентитет, посебност, го предаде постоењето на Македонците и македонското на соседите, и сега го лаже народот поврзувајќи го предавството со евроатланските интеграции. Тоа е недозволиво. Тоа е оттргнување на граѓаните од вистинските вредности и придобивки, поврзувајќи ги со предавство, капитулација и притисок за самоукинување, вели Стоилковски.

Тој додава дека Зоран Заев молчи за добиените отворени шлаканици од Атина за секое споменување на придавката македонско, македонска, македонски. Зоран Заев се самоцензурира да изговори Македонија среде владата на Република Македонија, а од друга страна сака да ги убеди граѓаните дека договорил заштита, признавање и јакнење на македонскиот идентитет.

-ВМРО-ДПМНЕ во име на граѓаните отворено прашува како и на што ќе работат комисиите за менување на историјата и учебниците, ако самиот премиер не смее да изусти Македонија, и Солун го нарекува Тесалоники? Што ќе учат идните Македонци? Дали Заев или Никола Димитров и се јавија на Захариева да ја прашаат зошто вели дека Софија не е подготвена да признае македонски јазик? Дали тоа не е отворена насока според договорот официјалниот јазик на државата да се преименува во Северномакедонски, термин за нацијата и за јазикот со кој и онака по капитулацијата на Зоран Заев веќе го користат странските државници без реакција од МНР? Тоа што власта се труди да го префрли фокусот врз сите други политички чинители, иако ниту Спогодбата е ратификувана, ниту прифатена од сите, ниту влезена во сила, е само проблем на Зоран Заев и неговите соработници да се соочат со вистинската волја на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ останува на бранењето на националните и државните интереси на Република Македонија, онака како што и доликува на политичка партија, како што тоа го правела секогаш. Спонзорираните медиумски лаги од власта за добробитта од капитулантското дело нареченото Договор со Грција, во насока на креирање вештачка атмосфера пред било каква најава за референдум, се само уште едно од низата на кршењето на законите и злоупотребите на позициите, истакнува Стоилковски.

Тој додава дека граѓаните ги препознаа лагите. Граѓаните повеќе не веруваат во шарените бонбони. Македонија ќе ги надмине и овие антидржавни премрежиња. Македонија ќе победи.

 

Претходно «
Следно »