ЗАЕВ НА СВОЈА РАКА ГО МЕНУВА ИМЕТО: Претседателот на државата и опозицијта исклучени од процесот!

  • June 11, 2018

Власта во Република Македонија и премиерот Зоран Заев сами договараат ново име и идентитет со Република Грција, без консултација со опозицијата и претседателот на Република Македонија.

© AP Photo/ Darko Vojinovic

Премиерите двете држави, Заев и Алексис Ципрас денеска телефонски ќе разговараат за напредокот на преговарачкиот процес за спорот со името, пишува „Макфакс“.

Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за весникот „Неа селида“ вели дека Атина е оптимист оти Заев ќе го направи „решителниот чекор“ и ќе постигне договор.

– Преговорите, но и политичката одлука за решавање на спорот со името не се лесни. Господинот Заев треба да размисли за сите аспекти и да преземе голема одговорност кон неговите сонародници, нешто за што сум сигурен дека ќе го стори. Ако некои во политичкото раководство на ПЈРМ сакаат да ја поткопаат можноста за изнаоѓање решение, не е нешто што би можел да го знам. Но, оптимист сум дека на крај господинот Заев ќе го направи решителниот чекор и ќе стигнеме до договор, вели Ѕанакоппулос и додава дека и Заев и Ципрас знаат дека решението е „неопходен предуслов за иднина на солидарност и соработка на Балканот“.

Опозицијата сепак не знае за што точно ќе разговараат двајцата премиери. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски во куса изјава за Курир вели дека досега власта не се консултирала со опозицијата за телефонскиот разговор кој денеска треба да се случи меѓу Заев и Ципрас.

-Несериозно е да се коментира нешто за кое што се нема никаква информација. Како што знаете, последна средба на власта со опозицијата и со претседателот на државата беше онаа во Клубот на пратениците каде наместо информативна средба, власта ја злоупотреби за ги отстапи Уставните измени, односно да ги поттикне како прифатливо решение во овие разговори која што сама ги води, вели Стоилковски за Курир.

Потенцира дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен и неколку пати повторен.

-Власта сама тргна во овој егзибиционистички зафат на запрепастување на сета јавност без никакви информации до опозицијата или консултации со претседателот на Република Македонија, вели Стоилковски.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ѕанакопулос во интервјуто не сакаше да открие дали договорот би се ратификувал во грчкиот парламент пред или по уставните промени кај нас, но рече дека ќе постојат мерки за исполнување на сите обврски.

– Доколку постои договор, нешто што го посакувам, тогаш договорот ќе ги предвидува и неопходните чекори за ратификација од двете страни. Но, во овој момент, во клучната точка за завршување на преговорите, не сакам да одам во повеќе детали. Можам само да ви кажам дека министерот за надворешни работи и премиерот ги имаат обезбедено сите потребни мерки за да се задржат сите обврски што треба да ги преземат нашите соседи, рече Ѕанакопулос, додека пак на прашањето каков став ќе заземе Атина на самитите на НАТО и ЕУ, дали ќе даде зелено светло за наша интеграција, тој вели дека „сѐ ќе зависи од тоа дали ќе постои договор или не“.

Според извештаите, 95 отсто од преговорите се завршени и остануваат само уште неколку детали пред да се склучи конечен договор, пишува „Катимерини“. Ако сè оди според планираното, договорот ќе биде ставен на гласање во македонското Собрание пред самитот на ЕУ, а потоа ќе биде ставен на референдум најверојатно во септември. Ако Парламентот го одобри, тогаш Атина ќе испрати писмо до ЕУ и НАТО за деблокирање на пристапувањето на Скопје кон двете организации.

Грчкото писмо ќе се однесува на договореното име – Северна Македонија, Горна Македонија или некое трето. Ако договорот помине на септемврискиот референдум, тоа ќе го отвори патот за ревизија на Уставот, што е клучно барање на Грција. Ако, пак, резултатот од референдумот биде негативен, тогаш договорот меѓу Атина и Скопје ќе пропадне.

Претходно «
Следно »