ЗАЕВ НЕ СМЕЕ ДА ИЗУСТИ Р.МАКЕДОНИЈА: Срамно е Заев да подготвува прослава за Денот на независност на Република Македонија додека ја гази сувереноста

  • September 5, 2018

Зоран Заев не смее да изусти Република Македонија. Зоран Заев не смее да изусти Солун. Зоран Заев СЕ ИЗВИНУВА што Илинден е македонски празник, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски и додаде:

„Зоран Заев или не е премиер на Република Македонија, или кампањата која што ја води е за политичарите од соседството или жицата му се откачила и престанал да дише!? Зоран Заев веќе функционира според прифатените услови во капитулацијата, што се погубни за македонскиот народ и држава. Зоране Заев, кога ќе им кажеш на граѓаните, сам или кој наместо тебе ќе го корне македонското сонце од јавни површини следните 6 месеци онака како што си прифатил во монструозниот Член 8 од Договорот? Еве што вели Став 3 од овој Член: „Втората страна не смее повторно да го употребува на било кој начин и во сите негови форми симболот кој претходно бил прикажан на своето поранешно национално знаме. Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој Договор, Втората страна ќе продолжи со отстранување на симболот прикажан на нејзиното поранешно национално знаме од сите јавни места и јавни употреби на нејзината територија“. “

Стоилковски го запраша Заев, кога ќе им каже на граѓаните што навистина значи употребата на грчките топоними за Солун, Кукуш, Кутлеш, Воден и кога ќе признае дека се додека работи грчката комисија за ревизија за бришење на учебниците, мапите и книгите, Грција ќе може да ја блокира интеграцијата?

-Дрски, безобразни и бесрамни се лагите дека е зачуван и зајакнат македонскиот идентитет. Тоа е лага иста како зборовите на Заев дека нема да дозволи промена на Уставот. Дрски и безобразни се поделбите на народот на проевропски и антиевропски. Тоа е лажна поделба, исто како што е лажен секој изустен збор на Зоран Заев! Ова не е референдум за Македонија во ЕУ или НАТО. Ова е референдум за Северна Македонија, распишан според целосно погубен Договор, со кој се брише Македонија, се брише македонскиот народ, се брише македонската историја, македонската посебност, традиција, култура. Пријателствата во политиката се базираат на исполнување на взаемни интереси на две држави. Кога се исполнуваат само интересите на една држава на штета на интересите на другата, тогаш тоа не е пријателство, тоа е потчинетост и марионетство. Почитувани, срамно е човек како Зоран Заев да подготвува прослава за Денот на независноста на Република Македонија, во исто време кога ја гази сувереноста, а македонската држава и македонскиот народ ги претставува како вештачка измислена творба, додаде Стоилковски.

Претходно «
Следно »