Заев, Села и Гаши утре ќе се договараат за законот за државјанство

Утре треба да бидат познати законските олеснувања за добивање македонско државјанство. Решението ќе се бара на лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерите на втората по големина опозициска коалиција, Зиадин Села и Африм Гаши. За почеток, двете страни се согласни дека новиот закон нема да значи стекнување со државјанство со изјави на тројца сведоци, што беше првичниот предлог на Алијанса-Алтернатива, пишува Телма

Минатава недела, премиерот Заев најави дека најверојатно ќе се предвидат 10 до 15 услови за решавање на статусот на лицата без државјанство. Нејасно е дали познавањето македонски јазик ќе биде задолжително или лидерите ќе се договорат да биде прифатлио и знаењето само на албанскиот.

Законот предложен од Алијанса-Алтернатива беше блокиран со над илјада амандмани. ВМРО ДПМНЕ најави дека ако се постигне прифатлив договор, ќе ги повлечат, но не и Левица која има над 500. Заради тоа, партиите на Села и Гаши поднесоа илјадници амандмани на десетици други закони. Ги блокираа и законите кои треба да обезбедат економска помош за стопанството и за одредени категории граѓани. Доколку тројцата лидери утре постигнат договор, наредните денови се очекува донесување на законите од четвртиот и петтиот пакет мерки, како и други закони, замрзнати со филибастеринг.