ЗАСЕДАВА КРИЗНИОТ ШТАБ: Огромни штети во Охрид поради бурата!

  • March 17, 2018

Повеќе места на крајбрежјето на Охрид се оштетени поради силниот ветар, кој во текот на денот дуваше со брзина од над 90 километри на час. Притоа во езерото се создале бранови високи и по 120 сантиметри.

За справување со последиците, заседаваше Кризниот штаб на општина Охрид, на кој беа договорени конкретните активности на надлежните служби и нивна координација.

Како што информираат од општината, нивото на Охридското Езеро е 693,78 метри, а тоа е 3 сантиметри над дозволената кота од 693,75 метри.

„Кризниот штаб е во постојана комуникација со АД ЕЛЕМ, од каде велат дека кај Дрим се испуштаат по 20 метри кубни во секунда. Екипите на јавните претпријатија цел ден беа на терен и расчисуваа, а противпожарната единица имаше осум интервенции на паднати оџаци. Најголеми оштетувања има на крајбрежните објекти на потегот од Канео до градскиот плоштад“, информираат од општина Охрид.

Оттаму додаваат, дека утре од 07 часот ќе се продолжи со чистење.

„Ќе бидат ангажирани сите јавни претпријатија со потребни работници кои ќе бидат подготвени со алат и механизација за санирање на штетите. Правните и физичките лице кои се оштетени од невремето од понеделник ќе можат да поднесат барање за обештетување. Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди по пријава ќе излезе на терен“, се наведува во соопштението.

Од Кризниот штаб апелираат граѓаните да ги тргнат автомобилите и да се регулира сообраќајот во стариот дел на Охрид за да може механизацијата непречено да работи на расчистување.

 

Posted by Кочо Каневче on Saturday, 17 March 2018

Претходно «
Следно »