ЗБОРУВА ЛИ ХАН ЗА ПОЧЕТОК НА ПРОТЕКТОРАТ? Бранко Ѓоревски за Дневник

  • May 28, 2016

Branko_GjorgjevskiАко меѓународната заедница формира посебно тело што ќе се грижи за Избирачкиот список, нема ли тоа да значи суспензија на најнадлежната Државна изборна комисија? Всушност, нема ли да се појави опасноста тоа тело да носи одлуки што само ќе му одговараат на Брисел и со што случувањата во земјава ќе се движат во насока која некој оттаму ја определува? Истовремено, ако веќе од ДИK би се изземала надлежноста за Избирачкиот список заради внатрекомисиската поделеност и недоверба по линија на членовите од власта и од опозицијата, зошто еврокомесарот Јоханес Хан очекува дека оваa Kомисија може да продолжи да работи како орган во сегашен состав. Односно, нема ли по посебно меѓународно тело за избирачки список да се јави и потребата за меѓународен состав на ДИK? И така с` подолу, преку општински изборни комисии, до последен избирачки одбор, судови…, сето тоа да биде во меѓународен состав. Оти по резонот на предлогот, кој на вчерашниот брифинг го кажа еврокомесарот, друг излез од политичката криза и недовербата на партиските актери – нема.

Да не заборавиме, за прочистувањето на Избирачкиот список беа ангажирани странски експерти и се виде што потоа се случи. Од странски лица, од холандскиот министер за надворешни работи, ни се кажа дека сега нема услови за одржување на изборите. Никогаш потоа не разбравме од кои токму институции добил такви сознанија и зошто на едната страна ~ верувал, а на другата не. Значи, идејата што сега ја тестира Хан во себе носи многу недоверба, да не речеме туркањето на државата и на нејзините институции во статус на протекторат. Некои во земјава сигурно ќе го поздрават тоа, но се сомневаме дека тоа може да биде вистински пат за излез од политичката криза. Особено не и од причина што еврокомесарот во својот брифинг поставува услов според кој е неприфатливо да има избори ако Специјалното јавно обвинителство не може да си ја работи својата работа. Што, всушност, значи ова? Дали дека изборите постојано ќе се одлагаат с` додека од тимот на Kатица Јанева не кажат дека имаат услови за работа. Односно, додека не ги завршат предметите онака како што наумиле. А добро се гледа каква политичка поларизација се случува околу начинот на кој работат тие обвинители. Проблемот со овој став е едноставен: зошто одржувањето на изборите би се условувало со непречената работа на СЈО? За да се одржат изборите потребни се фер правила, чист список, објективност, правила за медиуми… Не веруваме дека во друга земја постои таква поврзаност и условеност на истражни и изборни органи. Македонското законодавство, сепак, има јасни правила за учеството на изборите на оние што имаат проблеми со правдата. Или, некому е важно истрагите да бидат дел од изборните кампањи, и што може да значи бескрајно одолжување на денот на гласањето с` со цел да останат клучните актери.

Затоа, за ваквите идеи и ставови на еврокомесарот навистина треба добро да се размисли пред да добијат виза и право на ставање во функција. Да беше подобро осмислен пржинскиот договор, сигурно немаше да се појават проблемите со кои се соочуваме, од Избирачкиот список натаму. На земјава не ~ се потребни запаѓање во нови поделби и продлабочување на кризата преку уривањето на кредибилитетот на државните институции.

Бранко Ѓорѓевски

Претходно «
Следно »