ИВАНОВ ИМА РОК ДО ЧЕТВРТОК: Да го потпише указот за прогласување на Законот за двојазичност, или да го врати на прегласување!

  • January 15, 2018

Претседателот Ѓорге Иванов до четврток на полноќ треба да го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците или да го врати во Собранието со или без забелешки.


Собранието го донесе Законот за употреба на јазиците на 11 јануари, а потоа текстот беше испратен во кабинетот на претседателот.

Неизвесно е како ќе постапи Иванов и дали ќе го потпише указот за овој закон. Претседателот, како што посочија од неговиот кабинет, има рок од седум дена да го потпише указот на законот.

Дилемата за тоа дали Иванов ќе го потпише указот и дали законот ќе го врати со забелешки до Собранието, за што има право предвидено со Уставот и со Деловникот, беше отворена по неговото редовно годишно обраќање во Парламентот во кое кажа дека законот е неуставен и претставува закана по унитарноста на државата.

Неговата одлука за законот, рече тогаш Иванов, се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Законот, посочи Иванов, мора да биде во согласност со Уставот и усогласен со македонското законодавство.

Претседателот Иванов може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Во тој случај, според членот 75 од Уставот на Република Македонија, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот и доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Деловникот на Собранието, пак, се предвидува и ако претседателот одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно да го разгледа законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на неговото донесување. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот.

Собранието на Република Македонија на 11 јануари со 69 гласа „за“ го донесе Законот за употреба на јазиците. Законот беше изгласан и со двојно мнозинство, односно за него гласаа 27 пратеници од немнозинските заедници, а еден беше воздржан.

На седницата не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои не учествуваат во работата на Парламентот во знак на револт од притворањето на петмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во законодавниот дом на 27-ми април минатата година.

Претходно «
Следно »