Иванов побара објаснување од Нухиу

  • May 13, 2017

Кабинетот на Претседателот Иванов вчера го повика министерот за внатрешни работи Агим Нухиу да ја дообјасни својата изјава искажана во интервјуто на Алсат-М Телевизија, во кое Нухиу, повикувајќи се на гласини, вели дека постои сценарио кое би послужило како повод за прогласување на воена или вонредна состојба од страна на Претседателот и употреба на Армијата, поврзани со насилниот влез во Собранието на Република Македонија на 27 април. Од Кабинетот на Иванов побараа Нухиу да ги појасни податоците и информациите за кои зборуваше на Алсат-М.

agim-nuhiu

-Кабинетот на претседателот на Република Македонија смета дека во јавноста постои опсесија со лажни вести да се изврши делегитимирање на институциите, односно на претседателот на Република Македонија. Го повикуваме министерот да ја проучи глава 7 од Уставот каде е пропишана одбраната на Републиката, воената и вонредната состојба за да не прави претстава и креира лажни вести. Својата неспособност да го раководи министерството не смее да ја прикрива обвинувајќи други институции, пишува во соопштението од претседателскиот кабинет.

Министерот за внатрешни Нухиу до подготвувањето на прилогот не одговори на прозивката од Иванов.

Во интервјуто за емисијата „Патот кон“ на телевизијата Алсат-М, министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, повикувајќи се на гласини, посочи на наводен план за употреба на Армијата за време на случувањата во Собранието на 27 април.

-Има гласини што се уште не можам да ги потврдам дека полицајците се повлекле во вршењето на законските обврски, затоа што слушале од други дека треба да чекаат уште малку за да може потоа и Претседателот на државата да дава наредба за излегување на војската, да се прогласи вонредна состојба и така натаму, но овие се прашања кои ги има во рамките на службите во МВР, но не сакам да потврдам такво нешто затоа што се уште ги немаме аргументирано, изјави Нухиу.

Според член 124 од Уставот на Република Македонија, воената состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападната или ѝ е објавена војна, членот 125 регулира дека вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Во двата случаи, шефот на државата ја носи одлуката во случај кога Собрнаието не може да се состане и таа одлука му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе биде во можност да се состане.

Виолета Стоименова Наумоска

Претходно «
Следно »