Ивент индустријата реагира: Иcплaтeни 0 дeнapи пoмoш, инcтитyциитe ce ceќaвaaт нa нac caмo кoгa тpeбa дa ни блoкиpaaт cмeтки зa нeиcплaтeни плaти

Ивент индустријата вели дека нивниот сектор се уште е оневозможен да работи и по речиси 15 месеци од пандемијата.

-Пред речиси два месеца Владата ја бомбардираше јавноста дека за ивент индустријата се одвоени речиси 2 милиони евра помош, но фактите и реалната ситуација го говорат следното:

На 12 април Владата објави 2 милиони евра помош за ивент индустријата, досега се исплатени 0 денари.

На 21 април беше објавен Јавен повик за организирање на настани, за жал резултати нема, а помош 0 денари. Рокот кој ние како компании го добивме за подготовка на проектите беше пократок од оној кој Владата си го додели за евалуација на истите.

На 12 мај Владата објави Јавен повик за еднократна помош за операторите од ивент индустријата, но резултати нема, а исплатена е помош од 0 денари, велат од ИВАП.

Оттаму додаваат дека се уште немаат информација за бескаматните кредити кои исто така беа понудени како можна помош.

-Единствена помош што ја добивме беше онаа наменета за целото стопанство. Дел од нас можеа да искористат помош за исплата на плати (8 плати за вкупно 15 месеци), но како да ги подмириме кредитите, режиските и останатите трошоци? Од каде плати за останатите 7 месеци без помош? Како да го изведеме ова по 15 месеци неработење? Ги прашуваме претставниците на Владата дали мислат дека сме алхемичари? Дали некогаш се запрашаа како преживуваат нашите компании? И покрај тоа што од првиот ден на пандемијата укажувавме дека ќе дојдеме до оваа состојба, никој не сакаше да не слушне. За целиот овој период покажавме конструктивност и кооперативност, предлагавме мерки и модели, но за жал резултатот е дека нема помош, велат од ИВАП.

За разлика од останатите дејности во стопанството, вклучувајќи го и угостителството кое од првиот ден на релаксирање на мерките работи, јавноста е сведок дека нема настани, нема концерти, а со тоа нема ниту работа за нас.

-Вистина е дека институциите навремено и ажурно се сеќаваат на нас, но само кога ќе треба да ни пратат опомена за плаќање на даноци, да ни блокираат сметки за неисплатени плати, за подмирување на сите останати обврски. Бараме до Владата итна и без одлагање реализација на мерките кои ни беа понудени како помош, децидни се од ИВАП.