October 21, 2021, 12:59 pm

Измeнитe вo Kpивичниoт зaкoник ќe внecaт poдoви димeнзии вo дeфиниpaњeтo нa kpивичнитe дeлa

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Интервенција во Кривичниот законик заради употреба на родово сензитивен речник, наспроти родово неутралниот, кој моментално се употребува, вметнување на родовата перспектива, гарантирање дека родовите димензии се земени предвид во дефинирањето на кривичните дела и постапките за спроведување на овој Законик, измени во однос на половиот напад и силувањето, измена со цел дефинирање на психичко насилство, инкриминирање на „демнењето” и „половото вознемирување” како нови кривични дела со одредби преку кои ќе бидат предвидени и санкции за сторителите, а истовремено ќе се обезбеди заштита за жртвите, е предвидено во поднесениот Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Предлогот, кој беше поднесен во јули оваа година, е ставен на прво читање на претстојната 51-ва седница на Собранието на Република Македонија на 21 септември. Гореспоменатите, потенцијални измени, се поттикнати од ратификацијата на Конвенција на Советот на Европа за борба против насилство врз жените и семејно насилство, таканаречена „Истанбулска конвенција”, во рамки на чие усогласување со домашното законодавство, годинава беше усвоен Законот за спречување и заштита против насилство врз жени и семејно насилство, кој со цел негова целосна имплементација, поттикна измени во многу закони, помеѓу кои и Кривичниот законик.

Според новото предложено кривично дело „демнење”, тој што истрајно неовластено ќе следи, прогонува, или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоупотребува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Во однос на „половото вознемирување”, тој што со вербално или физичко дејствие, кое има директно или индиректно, реално или симболично значење на наведување, непристојна понуда, намамување, изразување полова страст или друго дејствие кое јасно потсетува на полов однос или други со него изедначени полови дејствија, ќе вознемири лице кое му е подредено или спрема него се наоѓа во однос на зависност, друго лице на работа или на јавно место или лице што е ранливо поради возраст, болест, попреченост, зависност од дроги, бременост или тешки телесни или душевни пречки, и со тоа ќе го повреди неговото достоинство, предизвикувајќи чувство на непријатност, навреденост, понижување или страв, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Сето ова, доколку биде усвоено, се очекува да даде поголема гаранција и заштита на жртвите, кои што ќе претрпат каков било вид на насилство, физичко, психичко, како и сексуално насилство.

Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во интервју за МИА вели дека овие измени, преку кривична санкција, ќе дадат еден посеопфатен систем на заштита.

– Во самиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, се предвидени овие форми, како силувањето, сексуалниот напад, сексуалното вознемирување, како и сексуалното вознемирување користејќи го интернет просторот, кое е дополнително предвидено во поимникот „демнење”. Тоа е граѓански закон кој може да ѝ даде заштита на жртвата во однос на привремените мерки за заштита. Но, сепак, кривичната одговорност е многу поголема, како и казните и кривичната санкција која што следи, доколку биде нормирана како посебно кривично дело, вели Нушкова.

За предложените измени, кои ги направи работна група составена од професори, правници, академска фела и невладини организации, од Министерството за правда за МИА велат дека ќе овозможат подефинирана законска рамка по која институциите ќе можат да постапуваат.

– Овие измени убаво ќе бидат презентирани и на судиите и на обвинителите да можат да постапуваат по нив. Во јавноста имаше реакции дека жени пријавуваат дека се вознемирувани преку интернет, дека личните податоци им се злоупотребувани, и не се знаеше точно како да се постапи. Сега овие работи се подефинирани, вели Александар Видиновски, портпаролот на Министерството за правда.

Сторителите се најчесто мажи, жртвите жени, а најзастапено е физичкото насилство

Според податоците од Министерството за внатрешни работи до кои дојде МИА, од 2018 до 2020 година биле пријавени 2.987 случаи на семејно насилство во кои имало 2.814 сторители мажи и 261 сторители жени.

Жртвите, следствено, се 2.551 жени и 643 мажи. Тоа значи дека во просек, годишно 850 жени пријавувале случаи на семејно насилство, додека мажи, 214.

Аврамоска Нушкова вели дека сивата бројка сè уште е на многу високо ниво бидејќи има  нерегистрирани случаи на насилство кое што се случува, а жртвите го сметаат за приватна работа, и не го пријавуваат. Како отежителна околност за справувањето, и првично пријавувањето на насилство, Нушкова го споделува фактот што ние сме стереотипно општество каде што има голем број на предрасуди.

Во однос на прашањето дали ваквата законска рамка ќе ги поттикне жените жртви на насилство да се охрабрат и имајќи предвид дека се подробно заштитени, да пријават насилство, од Министерство за правда велат дека какви закони и да се направат, ако во реалноста не профункционираат, тие напразно се направени.

– Многу е важно, не само да се напишат законите, туку и судиите, обвинителите и полицијата да постапуваат по нив. Тоа што конкретно беше задача на Министерството за правда е во измените од Кривичниот законик да внесе елементи од Истанбулската конвенција, која што се однесува токму на заштита на жените од вознемирувања, напади, насилство воопшто, посочи Видиновски.

Нушкова дополнува дека ако го измениме Кривичниот законик, во кој што треба да се измени и делот на пружање на правилна заштита на жртвата на семејно насилство и општо врз насилство врз жени, ние – да, ќе го инкриминираме дејствието „демнење”, на пример, но, доколку не се најде правилна примена за да биде препознаено, ние повторно ќе го имаме случајот кога една жена била „демнета” а ниту една од институција не реагирала.

Помеѓу насилството, според податоците од МВР, најпрепознатлив начин на извршување е со физичка сила или закана, а најчести кривични дела се „телесна повреда” и „загрозување на сигурноста”. Тоа го потврдува и Нушкова, и дополнува дека психичкото насилство е помалку препознаено, но, застапено. Како најмалку препознаено го посочува сексуалното насилство од сегашен, поранешен или интимен партнер, а една од поретките форми кои што се пријавуваат е економското насилство.

Во однос на тоа каде ги лоцираме причините за насилство и дали можеби нееднаквоста ги предизвикува истите, Нушкова вели дека нееднаквоста секогаш постоела.

– Нас многу често ни се случува да не прашаат каков е профилот на жртва. Профилот на жртва не постои. Имаме профил на насилник кој што го има тоа однесување кое што е исто буквално во сите земји. Жртвата може, независно на која вера и раса припаѓа, и кој ѝ е економскиот статус и степен на образование што го има, буквално, секоја една жена може во определен период од животот да биде жртва на насилство, вели таа.

Помрднување по однос на законската регулатива има, најслабо се имплементираат активностите во однос на превенција

Од Министерството за правда велат дека голем дел од работите што се во Истанбулската конвенција се предвидени и посочуваат дека е добро што нашето законодавство е едно од ретките во регионот каде што голем дел од оваа Истанбулска конвенција е вметнато.

– Многу е важно, како општество, сигурноста на жената од вознемирување, од насилство, да биде законски поткрепена и да биде приоритет во општеството, бидејќи, сакале да признаеме или не, сè уште живееме во помалку или повеќе, традиционално општество, каде што има случаи на семејно насилство, особено врз жени, и сето ова што се случуваше на социјалните мрежи, со имплементацијата на Истанбулската конвенција, имплементирани преку измени во КЗ, дека ќе направиме уште еден чекор нагоре кон заштита на жените, вели Видиновски.

Аврамовска Нушкова се согласува дека има прогрес, со тоа што, како што вели, има помрднување по однос на законската регулатива, меѓутоа, најслабо се имплементираат активностите во однос на превенцијата.

– Треба да се чита. Треба да се информира. Треба да се разменуваат искуства. Треба да се зборува. Не треба да правиме табу од секоја тема. Треба во образованието децата да бидат информирани, да го распознаваат врсничкото насилство. Едноставно подигнувањето на јавната свест не е процес на една кампања. Имаме 16 дена активизам и само со тоа да завршиме. Тоа е тековно и континуирано, заклучува Нушкова.

Посочува дека е неопходно прво лично да се едуцираме, да ги прифаќаме различностите и да разбереме дека насилството не се случува зад затворени врати, туку тоа е општествен проблем и доколку сите заеднички делуваме можеме понатака да превенираме и да почнеме сивите бројки да ги вадиме на површина.

Истражувањето спроведено од ОБСЕ во 2019 година, за насилство врз жените во Македонија, упатува на три главни заклучоци и препораки за нивно спроведување, со цел негово намалување. Помеѓу нив се оние дека во Република Македонија, насилството врз жените е широко прифатено како нормално и не се пријавува, потоа, недостигот на шелтери и одржливоста на постојните служби и отсуството на финансиска помош и долгорочни засолништа како и потребата од поголема поддршка и насочена акција за помош на жените од малцинските групи и од руралните области.

Сето ова, според ОБСЕ, може да се подобри преку следење на законодавството и негово усогласување со Истанбулската конвенција. Преку соработка, обука и мултисекторски пристап како и специјализирани услуги за жени, вклучително и за обесправените групи на жени и активности за подигнување на свеста.

Latest News

(Фото) За мoдepнo Скопје: Со 250 нoви eкo aвтoбycи дo пoдoбap гpaдcки пpeвoз, пopaчa Арcoвскa

Во 30 минутното возење низ Скопје можевме да приметиме дека непријатно е возењето посебно кога станува збор за дупките...

More Articles Like This