ИЛИНДЕНЕЦ ВОЈВОДА од Прилеп бил народен пратеник во слободна Македонија, а еве што кажал за Гоце Делчев

  • August 5, 2019

,,Никој не ги извади граѓаните на улица. Три дена реки луѓе течеа да се поклонат на одаротот на татко ми Крсте Гермов – Шакир Војводата во Офицерскиот дом во Прилеп во 1962 година. Живи илинденци му одаваа почит. Цел Прилеп го следеше својот омилен сограѓанин на последниот пат во поворка од центарот до гробиштата,,.

Вака се сеќаваше на погребот на својот татко Крсте Гермов, Шакир Војвода, Нада Гермова – Бабиќ, пред десетина години починатата ќерка за последниот пат на нејзинот татко Шакир Војводата, Крсте Гермов.

Шакир Војвода од Прилеп бил човек со непомирлив револуционерен и праводољубив дух на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Со четата изведувал акции против Турците, насилници главно во Мариово. Бил секретар на мариовскиот војвода Толе. Соработувал со Ѓорче Петров, бидејќи и тој бил прилепчанец. На големиот војвода Петре Ацев му бил соработник. Шакир со шест имиња, по атентатот на Ѓорче Петров во Софија, заминал во бугарската престолнина, посветувајки се на поддршка на студенти со национални идеи. Се вратил во Македонија во 1945 на повик на власта да биде министер за земјоделство во првата Влада. Последните години од длабоката старост ги минал во Скопје во друштво со Стале Попов. Починал на 94 години во Скопје во 1962 година. Погребан е во Прилеп со сите државни почести.

Гробот на прилепскиот војвода Шакир е на Старите гробишта. Само потомците од семејството Гермови умеат да најдат каде лежат посмртните останки на татко им, дедо им и прадедо им.

Неговата ќерка Нада Гермова – Бабиќ, како псоледен потомок од првото колено додека беше жива сведочеше дека татко í од мал бил палаво дете.

-Татко ми кажа дека прекарот го добил по некој турски разбојник Шакир. Цртал крстови на турските порти во Варошко мало во Прилеп да објави дека градот е рисјански. Затоа Турците го нарекле Шакир – раскажуваше Гермова.

Паметеше дека живееле во Софија, а во 1945 година семејството се вратило во родниот Прилеп.

-Сите граѓани не пречекаа, за мене, со необична гостољубивост, близина и почит. Се изненадив дека татко ми бил толку омилен, иако бил отсутен повеќе од 30 години. Луѓето ме запираа и ми кажуваа како го помагале, како му обезбедувале храна, засолниште и пари за Организацијата. Го знаеја за јунак од славниот илинденски период. Постарите пренесуваа дека ги куртулувал рисјаните од зулумите на Турците до младотурската револуција. Многу го ценеа – велеше Гермова-Бабиќ.

Шакир починал 1962 година во Скопје. Роднините му го исполаниле аманетот да биде погребан во родниот Прилеп, а власта организирала незапамтен погреб.

-Државни, локални функционери и соброци и борци, старо и младо се простуваа во колони луѓе три дена на одарот во Домот на армијата. Прилепчани сами доаѓаа на поклонение, оти многу го почитуваа. За нив беше херој кој заминува во легендите. Власта не можеше да не го почитува тоа – пренесуваше Нада Гермова, која беше пенизониран лекар специјалист по протетика.

Најмалата меѓу петте деца, Нада го паметеше татко си како домаќин, праведен и секогаш грижлив родител.

Не стивнува гордоста за својот предок и кај семесјтвата на неговите потомци, Јанески, Бабиќ и Гермови. Иако внуците биле мали, паметат дека им било чудно зошто толкава толпа народ се слевала во погребната поворка. Кога пораснале откриле колкава била историската димензија на нивниот дедо не само за Прилеп.

Го отворил првото собрание во слободна Македонија

Крсто Гермов – Шаќир Војвода е роден 1868 година во Прилеп. Најпрво работел како кројач во Прилеп, до 1901 година, кога се приклучува на четата на Петар Ацев. Извршувал функција секретар во четата на Стојан Трајков (Толе Паша), а потоа станал реонски војвода во Мариово. За време на Илинденското востание учествувал во повеќе борби против турскиот аскер. По востанието, пролетта 1904 година, му се придружил на Ѓорче Петров, а потоа бил четник во четата на Никола Каранџулов. Во 1906 година, заедно со Иван Ѓуров, бил уапсен од турската власт и бил осуден на доживотен затвор. Амнестиран бил за време на Хуриетот во 1908 година.

Во 1910 година, по акцијата за разорожување од турската власт, заминал за Софија, каде што отворил кафеана, а подоцна работел и како кондуктер на трамвај. Учествувал во Првата и Втората Балканска војна како војвода на седмата чета на Македоно-одринското ополчение (Доброволни единици), а подоцна служел во штабот на 4-та битолска дружина. За покажаната храброст бил награден со ,,Орден за храброст, 4 степен,,.

Во периодот од 1935-1936 година, во Софија, заедно со Ангел Динев, го уредувал левоориентираното списание ,,Македонски вести,,.

На 26 октомври 1944 година, Светозар Вукмановиќ-Темпо испратил барање до новата влада на Бугарија да дозволи доаѓање и испратил покана до Мире Атанасов, Петар Шанданов, Крсто Гермов, Александар Мартулков, Туше Делииванов, Павел Шатев, Венко Марковски, Олга Петрушева и други видни македонски дејци, кои ќе учествуваат во формирањето на Народна Република Македонија .

Во ноември 1944 година, Крсто Гермов се одѕвал на поканата и заминал за Македонија, каде што се вклучил во АСНОМ. Бил избран за народен пратеник на Народното собрание на Македонија со мандат од Прилеп. На 1 септември 1946 година, во Скопје го отворил првото заседание на Собранието, како најстар народен пратеник.

Починал во Скопје на 17 декември 1962, а погребан е со високи почести во родниот град Прилеп.

Книга ,,Спомени,, за Шакир Војвода

Книгата ,,Спомени,, е посветена на војводата Крсто Гермов-Шакир. Издавач е градската библиотека, а редактор е д-р Славчо Ковилоски. Автентичните спомени за Крсто Гермов – Шакир се во архивата на Институтот за македонска национална историја, каде се чуваат како листови испишани на машина за пишување од соборникот на Гермов, гевгеличанецот Ангел Динев. Тој долго време го убедувал Шакир Војвода да го каже сведоштвото за македонското револуционерно движење.

-Шакир во сеќавањата се концентрирал на неколку точки од револуционерното движење во Прилеп и Мариово. Тој е прилепско-мариовски војвода на Македонската револуционерна организација. Во спомените е дадена и слика за мариовските предели, но и со богати етнографски материјали за животот на мариовците. Шакир постојано потенцира за нивното самородно македонско чувство – истакна редакторот д-р Славчо Ковилоски.

Што му кажала Шакир на Колишевски за Делчев

Средбата меѓу Колишевски и Шаќир Војвода била одржана во македонското Собрание во 1961 година и војводата во поодминати години, меѓу другото, забележал:

-Дојдов да ти кажам уште една работа. Сите пишувате, и порано пишуваа, внатрешни, надворешни, врховисти, централисти и слично. Е, па дојдов да ти кажам дека во Дворот (мисли на бугарскиот двор во Софија) влегувавме сите: едни низ главната врата, други низ малата врата, некои низ капиџик, некои низ прозорец, некои преку таван, а некои богами и преку Баџа! Толку да знаеш, сите влегуваа,освен еден човек. Таму не влезе само Гоце Делчев.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”

Претходно «
Следно »