ИНТЕНЗИВНИ ВРНЕЖИ ОД СНЕГ: Снегот продолжува да паѓа во текот на ноќта, од утре поинтензивно!

  • January 17, 2017

Највисока снежна покривка од 68 сантиметри во 19 часот е измерена во Лазарополе, соопшти вечерва Управата за хидрометеоролошки работи.
sneg_blokada

Во Пожаране 42 см, 29 во Ѓуриште, 25 см во Берово, 23 во Тетово, 21 во Битола, 14 во Скопје (Зајчев Рид) и во Струмица, 11 сантиметри снег во Тополчани, 10 во Крива Паланка, 7 во Демир Капија, 5 во Прилеп и 4 сантиметри снежна покривка има во Претор и Виница.

До 19 часот најмногу наврнат воден талог во изминатите 12 часа има во Демир Капија, 7 литри на квадратен метар, 5 во Гевгелија, 3 во Битола и Пожаране, по 1 литар на метар квадратен во Скопје (Зајчев Рид), Тетово, Лазарополе, Берово, Тополчани, Ѓуриште, Струмица и во Штип.

Најниска температура од -3 степени вечерва е измерена во Маврово, 0 степени во Тополчани, Тетово, Лазарополе, Пожаране и Ѓуриште, 2 во Скопје, Крива Паланка, Штип, Битола, Прилеп и Демир Капија, 3 во Гевгелија, Претор и Берово, 4 во Струмица, 5 во Охрид и шест степени во Виница.

Времето вечерва е облачно со локални врнежи од снег, а на југоисток со врнежи од дожд. На места во западните и јужните делови врнежите се со умерен интензитет. На североистокот од Македонија дува умерен северен ветер.

Во текот на ноќта ќе биде облачно со повремени врнежи од снег, а на југоисток со повремени врнежи од дожд и снег. Врнежите повремено ќе бидат со умерен интензитет, а најмногу врнежи во ноќните часови се очекуваат на југоистокот од земјава. Ќе дува слаб, а на североисток повремено умерен ветер од североисточен правец.

Според најавата на УХМР, и утре ќе биде облачно со врнежи од снег. Претпладне врнежите ќе бидат послаби и локални, а попладне почнувајќи од запад ќе се интензивираат. Најобилни ќе бидат кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните и јужните делови од земјава. Во крајните југоисточни делови врнежите ќе бидат од дожд и снег.

Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен и североисточен правец, што ќе услови можна појава на снежни навеви. Минималните темепартури ќе бидат од -5 до 1 степен, а максималните од -2 до 4 степени.

Во скопско ќе биде облачно со повремени врнежи од снег, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Снежната покривка ќе се зголеми за околу 20 сантиметри нов снег.

И во четврток времето ќе биде облачно со повремени врнежи од снег, пообилни во утринските, а на исток во претпладневните и пладневните часови. Од врнежите што се очекуваат утре и во четврток снежната покривка насекаде значително ќе се зголеми, на повеќе места за 20 до 30 см. Најмногу врнежи ќе има на југот од земјава каде на места се очекуваат и над 40 сантиметри нов снег.

– Уште претпладне во четврток почнувајќи од запад врнежите ќе престануваат, а на истокот ќе се задржат до пладне и рано попладне. Стабилизација на времето со суво време и делумно намалување на облачноста ќе има од петок, информира УХМР.

Претходно «
Следно »