И АМЕРИКАНЕЦОТ ЏЕЈСОН МИКО ПОВИКУВА НА БОЈКОТ: Владата на Зоран Заев е исплашена, затоа бојкотирајте!

  • July 31, 2018

Се повеќе и повеќе поддржувачи на Македонија, познати личности и опинион мејкери се приклучуваат на движењето #Бојкотирам, кое се залага за бојкот на престојниот референдум за промена на името. Имено само последен кој даде поддршка за бојкот на референдумот е Џејсон Мико кој е големиот поддржувач на Македонија и поранешниот почесен конзул на Македонија во Тусон, Аризона.


„Сега знаеме. Според владини извори, референдумското прашање што ќе биде поставено пред граѓаните на Република Македонија е: ‘Дали поддржувате членство во ЕУ и во НАТО преку прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?’. Тоа е измамничко, нечесно и манипулативно прашање. Тоа е како да прашувате: ‘Дали сте за чист воздух и за чиста вода?’, без да објасните што стои зад сето тоа. Но, ова не е неочекувано: Владата на Македонија и самата е измамничка, нечесна и манипулативна.

Владата на Зоран Заев е исплашена. Заев и неговите владини претставници, кои се соучесници во оваа измама, се плашат дека, ако поставена чесно прашање што е во центарот на фактите, референдумот би пропаднал со директно гласање ‘за’ или ‘против’. Такво прашање би се движело во рамките на: ‘Дали поддржувате промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија и дали поддржувате промена на Уставот на Република Македонија за да го одрази тоа со други промени?’. Тоа би било чесно прашање и одговорот би бил гласно ‘не’.


Меѓутоа, бидејќи Владата го испреговара т.н. договор со Грција без вклучување на опозицијата или на претседателот (за да не каже ништо на јавноста), Владата знае дека тој нема да биде ‘купен’ од граѓаните и затоа мора да прибегне кон прашање што не ја рефлектира вистинската ситуација и, во суштина, употребува манипулација во обид да победи. Анкетите, навистина, покажуваат дека мнозинството граѓани на Република Македонија сакаат влез и во НАТО и во ЕУ. Но, клучот е тука: не по секоја цена. Според тоа, поставувањето на прашањето на начинот на кој Владата сака да го постави – ‘Дали поддржувате членство во ЕУ и во НАТО преку прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?’ – е целосно манипулативно и нечесно.

Ако Владата навистина верува, како што тврди, дека мнозинството граѓани ќе го поддржи договорот, зошто не го врами прашањето околу централните точки на договорот, главно на промената на името и на Уставот? И вие и јас го знаеме одговорот.

Уште нешто: слушнавте и понатаму ќе слушате тврдења во една или во друга форма дека, ако Македонија го отфрли ова сега, никогаш повеќе нема да има друга можност да им се приклучи на ЕУ или на НАТО. Ова е чиста лага и тие што го тврдат ова се лажговци и тие го знаат тоа. Ова е иста лага како ‘нема алтернатива’. Навистина? Не постои алтернатива? Нема да има друга шанса за членство во НАТО или во ЕУ? Лаги, лаги и само лаги.

Секогаш има алтернативи и секогаш има втора шанса. Тоа е факт.

Тоа што т.н. договор го бара од Македонија не вреди за цената. Преголем е влогот за Македонија и токму поради тоа е ужасен овој договор, кој ќе создаде повеќе проблеми отколку што некогаш ќе реши, кој ќе предизвика уште поголема лутина, непријателство и страв не само меѓу Македонците, туку и меѓу Македонците и Грците.
За сите генерации Македонци што се бореа за Македонија и што сега почиваат во мир, за сегашната генерација Македонци, кои продолжуваат да се борат и да тежнеат за слобода и за суверенитет, како и за идните генерации Македонци уште неродени, овој референдум мора да пропадне.’’, напиша Џејсон Мико и повика на бојкот на престојниот референдум кој ќе се одржи на 30 септември.

Претходно «
Следно »