И ВО МВР ЌЕ СЕ СЕДИ НА ФОТЕЛЈИ ОД ТЕЛЕШКА КОЖА: МВР објави тендер за набавка на фотелји од телешка кожа во висина од 35.000 евра

  • February 15, 2019

Министерството за внатрешни работи во четири одделни јавни набавки нарачува мебел за над 150 илјади евра. Бироа, фиокари, ормари, клуб маси, закачалки, но и фотелји од телешка кожа е само дел од предметот на јавната набавка во МВР, обелодени Макфакс.

Според спецификациите објавени на веб страната за јавни набавки, МВР нарачува 50 работни фотелји чија „завршна прекривка треба да биде од природна телешка кожа, а столицата треба да има фиксни метално хромирани раконаслони кои во горниот дел ќе бидат тапацирани со природна телешка кожа“. Освен овие работни столици, МВР склучило договор за набавка на уште 250 работни столици, но обложени со полиестер и за уште 100 канцелариски столици. Вкупно, само за столици, МВР плаќа околу 35 илјади евра.

Најмногу пари, односно над 83 илјади евра МВР дава за метални ормари, фиокари, гардеробери, метални шкафови за чување огнено оружје итн.

За бироа и клубски маси Министерството склучило договор од околу 30 илјади евра, а за закачалки за облека и чадори околу 2,3 илјади евра.

Минатиот месец МЕПСО склучи договор од 212 илјади евра, со „Леснина ми“, фирма од која се нарачуваат кујни, канцелариски мебел и гарнитури. Во договорот за јавна набавка, највпечатливи се 39-те парчиња клуб фотелји, за кои е потенцирано дека мора да бидат тапацирани со природна телешка кожа, за кои компанијата плаќа речиси 14 илјади евра.

Извор: Макфакс

Претходно «
Следно »