И по речиси две години: Студентите од првата генерација на Филмската академија во Охрид

  • November 25, 2019
  • Коментари

Студентите од првата генерација на Филмската академија во Охрид година и пол од завршувањето на тригодишните мастер-студии се уште не ги добиле дипломите, ниту какво било уверение за положените испити.

Поради неможноста да ги добијат уверенијата за завршени студии, тие повторно се обидуваат да го свртат интересот на јавноста за нивниот проблем и преку писмо лиферувано преку медиумите бараат решение за нивниот проблем.

Сметаат дека во најблага рака кажано е срамен односот на Министерството за образование и наука кон нив, оттаму што се работи за државна образовна институција формирана токму како резултат на договор на Министерството со реномираната Филмска академија од Прага (ФАМУ).

– Ние сме свесни дека проблемот на шест студенти нема многу да ја заинтересира јавноста, но поради неможноста поинаку да допреме до институциите и одговорните за нашиот проблем, решивме уште еднаш да ги известиме медиумите. Откако целосно ја исполнивме студиската програма и ги одбранивме магистерските тези не можеме да добиеме диплома, ниту некакво уверение за положени испити. Наидуваме на целосен молк од страна на надлежното министерство, а самата академија повеќе не функционира, па веќе губиме надеж дека некогаш ќе добиеме признание за вложениот труд и стекнатото знаење, се наведува во нивното писмо.

Независно што беше формирана комисија при МОН задолжена да изготви извештај со предлог-решение, откако извештајот бил испратен до кабинетот на министерот за образование и наука, процесот повторно е запрен.

– Повторно се пробиваат рокови за магистрантите, кои година и половина не можат да добијат потврда за завршените магистерски студии. Студентите изгубија уште една академска година за надоградување на своето образование и многу можности за работа, затоа што немаат никаков доказ, стои во нивното писмо.

Според нив, за да биде иронијата поголема, за Филмската академија во Охрид е предвиден и одобрен буџет за работа, а се исплатени и хонорари за професорите и асистентите.

– Прашуваме како е можно сите вклучени во образовниот процес и тоа администрацијата, наставниот и помошниот кадар да бидат исплатени за својот труд, а студентите кои се всушност предмет од интерес на целиот вложен труд на професорите, да не можат да ги остварат своите права и да добијат соодветна диплома за завршените студии, посочуваат засегнатите студенти со надеж дека на овој начин ќе го свртат вниманието врз нивниот проблем.

Претходно «
Следно »