КАДЕ СИ БЕЈЛИ ПРЕД ВЛАДА ДА РЕАГИРАШ: Власта сака да влее страв кај граѓаните, за никој да не се осмели во иднина да излезе на протест против нејзините штетни политики

  • December 3, 2017

Република Македонија е заробена држава. Со Република Македонија владее хунта. Закани, уцени, казни и цензура се одликите хунтата која ја има заробено државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Хунтата владее со ширење на страв и закани со казни. Актер е во затвор само затоа што си ја сака земјата, а другите актери кои го поддржаа се парично казнети. Директорот на МНТ им се закани со казна на сите актери кои во знак на солидарност не ја одиграа претставата „Ничија земја“ како поддршка на приведениот актер Владо Јовановски од страна на хунтата. Закана врз актери кои изразиле чин на сочувство со свој колега се незабележани во Европа, ниту на било кое друго место во демократскиот свет. Заканите врз актерите се одлика на хунти и фашистички режими, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и се додава:

„Лудилото на хунтата на власт не познава граници. Власта се пресметува со секој искрен патриот. Власта се пресметува со секој Македонец кој излезе и кажа не на Тиранската платформа. Известувањето испратено од Министерството за култура до сите национални установи под негова контрола во кое им се наредува да ги избркаат од работа сите вработени, кои на било кој начин учествувале во протестите на „За заедничка Македонија“ е преседан за една европска земја“.

Хунтата на власт, потенцираат од партијата, сака да влее страв кај граѓаните, за никој да не се осмели во иднина да излезе на протест против нејзините штетни политики.

-Власта директно го крши правото на протест загарантирано со член 21 од Уставот на Република Македонија, казнувајќи и изживувајќи се врз граѓани кои излегле мирно да протестираат и да го изразат својот револт од одредени политики. Ова е атак врз демократијата и не смее да остане премолчен. Власта директно удира врз правото на протест. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува меѓународната заедница и меѓународните организации во Република Македонија да реагираат и да го осудат овој чин на политичка тортура против неистомислениците на власта, се потенцира во соопштението и се додава:

„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи оваа неправда да продолжи, токму затоа ВМРО-ДПМНЕ останува на улиците се додека трае оваа тортура. ВМРО-ДПМНЕ ве повикува на протест денес, 03.12.2017 година, пред Министерството за правда, со почеток од 16:30 часот, да ги осудиме реваншизмот, политичкиот прогон и неправдата“.

Претходно «
Следно »