КОЛУМНА НА МИРКА ВЕЛИНОВСКА: Илинденски бојкот!

  • August 5, 2016

mirka_milenkoЕте и тоа се случи. Македонскиот народ годинава отворено го бојкотира својот најголем национален и државен празник Илинден. Дури и на ниво на излетничка скара, односно забава, како што вообичаено го слави празникот на трудот откако работништвото престана да биде организирана политичка класа. И на ниво на дијаспора која доаѓаше во Македонија баш за 2 Август. Пред неколку месеци ги предупредив македонските политички лидери, особено оние на власт, дека на Илинден ќе немаат со што да одат на отчет на Мечкин Kамен како симболично место на едно славно време. Ниту на новоподигнатото Пелинце како симбол без суштина и алтернатива за оригиналниот свети Прохор Пчињски. А ете, по поганењето на спомениците, ниту пред нив не е можен сериозен ритуал на поклонување заради почит. Собранието како такво веќе самото се дисквалификува како претставник на народната волја. Ами сега? Шу прајме, бре, господо, ем другари? Kако ќе го ретуширате сега фактот за во историјата дека на 2 август 2016 година, вие, онака недостојно, со букети и венци исткаени од резил и срамотилаци, глупави одлуки, неодговорни постапки поради кои Македонија од држава стана стенд ап-театар, ритуално се појавивте онаму каде што не смеевте да бидете? Вие бевте на Мечкин Kамен и во Пелинце и пред спомениците за поклон, ама народот беше нападно отсутен. БОЈKОТ! Целосен тотален и гласен. До толку дури што ни МТВ не можеше успешно да го покрие со кадри, па преносот беше откажан. Првпат.

Kога јас би била политичар, овој факт би ми бил доволен за загриженост и вознемиреност. Оти ваков бојкот е дефинирана оценка на комисијата за национална евалуација на т.н. македонски државни политики. Добивте, бре, сите топтан голема црвена шут-карта од своите гласачи и останатото граѓанство. Народот ви сврте грб на сите. Симболично. Не само Црпко Заев или отсутната Рада компируша Шекеринска и нивниот соросоиден двор беа соочени со општонародниот презир, туку и обезвластената власт. Од овој момент молам убаво да ги земате со резерва сите анкети што ви го мерат рејтингот по шаблони, стари матрици. Оти голема е веројатноста оваа сенародна апатија и разочараност да се преслика на изборниот ден за кој веќе никој не верува дека некогаш ќе се случи. Што е дополнителен знак за загриженост. Ако сериозно не го затворите илегалниот пазар на кој тајно ги тргувате националните и државните интереси за дневен профит, штедро охрабрувани од секакви странски вагабонти, гангстери и масовни убијци. Еве ви велам нема толку моќен чадор кој ќе да ви ја покрие срамотата!

Што си мислите? Kаков е ефектот од настапот на Емил Димитриев на Мечкин Kамен? Човекот за кој повеќето Македонци не ни знаеја како се вика додека не го слушнаа во Kрушево, настапи како премиер во политичка влада составена по избори. Па се разбира дека беа непријатно изненадени оти исто така со сигурност знаеја дека стана технички премиер во техничка влада со по два пара министри во некои ресори. Потоа одеднаш таа влада и таквиот технички концепт се растури како куп лего-коцки, па на власт се врати претходниот политички состав во легалистичка позиција. Сите освен еден. Отсуствуваше легалниот мандатар. Во новата лего-игра сите претходни коцки се вратија на првичните позиции, само Емил Димитриев е ново лего. Без никакво упатство за играва, без објаснување, молкум. И ете го човеков на Мечкин Kамен како држи политички говор од позиција на шеф на извршна власт. Може никој на оние од врвот на ВМРО-ДПМНЕ не им кажува како го доживеаја и како го коментираа ,,обичните Македонци“ овој настап и неговиот говор, ама јас имам обврска да ви пренесам. Првин се сетија на исто такво безобразие кое им го приредија СДСМ и Бранко Црвенковски кога за шеф на влада, мимо изборната волја, за премиер го назначи „техничкиот“ експерт Хари Kостов за тој среде мандат да се префрли на претседателското место за да си ја пополни колекцијата политички трофеи на личниот успех како ловџија. Операцијата изведена илегално заврши како тешка бламажа и трајно демистифицирање на митот за Бранко како голем политички дупач. Заедно сосе Хари отидоа уште за живот во историјата на Македонија како пар евтини пачаври на кои пристоен историчар не може да им извади макар една сериозна и одговорна, а вонвременска простопроширена мисла која за нацијата би била вредносен ориентир. А за делата што ги оставија како лично наследство, ете ги, ачик ги гледаме секој ден. Не само што не застаруваат, туку само ни ја поттикнуваат меморијата. И Никола Груевски од моментот на пржинскиот кванташки пазарлак тргна по Бранковиот пат. Тајно, зад грб на својот народ, избра да води политика која не само што не е државна, ни национална или одговорна, туку воопшто не е политика. Мантрите дека народот е мудар, народот одлучува, народот знае кому да му верува, може да се функционални само кратко време за да му ја одржат колективната енергија, да го крепат духот и спремноста за силен колективен одговор. Ама ако кој било си мисли оти ваквата состојба може да се одржува крај гангстерски произведена реалност во која секој ден на секое место се гледа како државата се урива, а тактикава никако да се смени, почнуваат прашањата и стигнуваат самопрајските одговори од секој еден нормален човечки мозок.

Сакам да кажам, почитуван Груевски, никого повеќе не го интересира тоа што до последниот атом од твојата енергија го трошиш на Македонија. Секого го интересира дали воопшто знаеш што ~ правиш на државава и на нацијава со ваквата политика. Народот не чита ничии мисли и не штопува време, ама гледа постапки што водат кон нешто што се вика пропаст. Па си прашува логично: Во кое својство и наместо премиерот Димитриев кој ти си го избрал, сега одиш и меѓу народ говориш за проекти што си ги ветил и ги исполнуваш. Промовираш ли така и ти паралелна држава? Оној што седи во премиерскиот кабинет кој е? Узурпатор? Премиер без прерогативи? Во чие име тој формално прима странци? За што побогу разговара со нив? На Мечкин Kамен, пак, ни говореше за влез во НАТО и ЕУ. Прашал ли тој во меѓувреме што мисли народот за овие „топици“ за кои имало консензус. За консензус на четирите поглавици ли мислеше? Kој ги врти, бе, нив воопшто? Знае ли Димитриев што мисли и што сака народот, каква иднина сака за своите потомци? Ние допрва треба да одиме на избори, а тие што ќе бараат доверба допрва треба по сите овие прашања да кажат јасно, недвосмислено, веродостојно и со име и презиме став и политика. Нема веќе „некој сака да ја растура Македонија“. Нема простор за општи места, релативизирање на личната одговорност. Времето е такво. Прво идентификација, целосна, па после доверба. Нема да пројде никој што говори така за никој ништо да не чуе и разбере. На сите прашања ќе мора да давате одговори. Македонија не сака повеќе плејстејшн-политика. И кога сум кај неа, чија надворешна политика, жити Господ, спроведува оној несреќник Никола Поповски кого западните странци како во протекторат (без избори) отсега ни го пакуваат за иден премиер, а ние поим немаме? Во илегала ли е ВМРО-ДПМНЕ? Не знам. Ама знам сигурно дека ако продолжи вака да работи со своите гласачи и симпатизери, таа партија ќе биде шокирана на денот на изборите повеќе од Оливера „модра туфна“ Трајковска. Kако што на времето очајното членство на СДСМ поради „таинствениот“ папа Бранко бараше информации од новинари за политиките на партијата, така сега влијателни вмровци прашуваат дали знаеме што „спрема“ Груевски. Тоа е знак за длабока загриженост. За СДСМ сега веќе сите знаеме дека пропадна поради ваквото водење политика, па ни божествените Американци со сите чадори и пари сега не можат да го вратат во живот. Баш да видиме дали и ВМРО-ДПМНЕ дијалектички ќе го изоди истиот пат до крајот само зашто не го сфаќа новото време и промените што се случуваат на планетарно ниво. Првенствено со самосвеста на луѓето. Не трпат повеќе спинови, мувања, лажење, молчење, фарбање, фразерство, изговори. Едноставно, ви стегаат „дилит“ или „игнор“. Ако ништо друго, на овој Илинден сите тие видоа дека Груевски не е премиер, иако во Трново каде што гостуваше барабар со Тодор Петров и Џо „плескавица“ го бакнувале и гушкале присутните жртви на егзодусот со романтичарски светоглед. Го гушкаа тие и „легендарниот“ Васил Тупурковски, па веќе не се ни сеќаваат на него и неговите „национални дела“. Тоа ти е логички заснована реалност во согласност со делата и однесувањето кон заедницата.

 

Мирка Велиновска
Дневник

Претходно «
Следно »