December 4, 2021, 5:04 pm

Колумна на Ристо Никовски: Замина Георги Христов, големиот борец за правата на Македонците во Бугарија

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Во Благоевград, на 11 ноември 2021 година, почина Георги Христов, симболот на македонизмот во Бугарија, алијас Јан Пирински, како се потпишуваше во дел од своите статии. Имаше 90 години ама беше витален до последниот ден, кога стана жртва на современата чума, наречена пандемија. Весникот „Народна волја“, Георги го издаваше од 1992 година, а на бугарските национал-шовинисти им бодеше очи и како ко-претседател на ОМО „Илинден“ – ПИРИН. Иако тој никогаш не зборуваше за тоа, можеме само да замислиме на какви се’ притисоци, закани и уцени се соочувал од властите на источниот сосед, кој е инаку член на ЕУ, ама во однос на Македонците се однесува како да е се’ уште во 18 век. Имав привилегија лично да го познавам Георги и да го чувствувам како пријател. Секогаш се восхитував на неговиот оптимизам со кој ги премостуваше сите тешкотии, и на трајната  увереност дека ќе успее, што значеше дека ќе излезе и следниот број на весникот. Неуморен во секоја прилика, до последниот атом беше посветен на македонската кауза. Георги мораше да моли и проси за да го издаде секој нов број од својот и наш месечен весник бидејќи „Народна волја“ им даваше поддршка на Македонците во Бугарија, оставени во немилост од сите, особено од матичната држава Македонија. Сепак, тој никогаш не ја критикуваше Македонија, што со прст не мрднуваше да му помогне во неговата и наша света мисија. Ги голташе нашите неразумности а помош бараше и добиваше на други страни. Македонците од Канада и Австралија секогаш имаа поголем осет за македонизмот од нас во земјава. Последниве години, весникот го финансираше Македонското меѓународно движење за човекови права од Торонто, со кое раководи Бил Николов. За голема среќа, пред некоја година се издаде и неговата обемна книга, „Гневот на правдата“, во која се собрани одбрани текстови објавени во весникот.

Нема многу народи во светот кои имаат толку тешка и трагична историја како македонскиот. Што е најстрашно, неговите голготи продолжуваат дури и во 21 век. Како ништо да не се променило во меѓувреме. Иако е незамисливо, се’ уште се игнорира постоењето на еден стар европски народ, колку и да е тој мал. Македонците се’ уште се третираат на начин и со средства кои наликуваат на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Така е бидејќи во светот се’ уште доминира силата. Апсурдот да биде комплетен, тие што цело време пропагираат човекови права, доминација на правото и некаква демократија, без да трепнат, токму тие ја користат својата моќ за да ги постигнат саканите цели. Овие и другите слични вредности, тие ѓи  почитуваат само кога се во нивна корист. А, кога не се – не ги есапат. За богатите и моќните, силата на аргументот не игра пред аргументот на силата. Во следните неколку децении, промени сигурно нема да има.

Македонија е предолго време класична жртва на ваквите политики на големите и силните. „Македонското прашање“ е актуелно преку 150 години. Македонците, и нивното парче земја, долго време се јаболко на раздорот на Балканот. Сите соседи ги присвојуваат. Некаде во 1902 година, кога некој руски публицист го прашал Борис Сарафов –  што сте фактички вие? За едните сте Срби, за другите Бугари, за третите…? Сарафов му одговорил – тоа е најдобриот доказ дека сме – Македонци! Невозможно е истовремено да бидеме и Бугари, и Срби, и Грци… Тоа автоматски значи дека сме нешто – друго. Очигледно, спомнатите правеле и прават сметки без крчмарот. Факт е дека ние никогаш не успеваме да го увериме светот дека сме – Македонци. Вината е и наша ама тука се кријат интересите а, преку нив, и политиките на големите сили, врз кои многу тешко може да се влијае. По  распадот на Југославија, менаџер на прекрстувањето на независната македонска држава и разнебитување на македонскиот народ, без сомнение се – САД. Целта е дефинитивно затворање на „Македонското прашање“.

По Втората балканска војна, во 1913 година, со Букурешкиот мировен договор, етничка Македонија беше расчеречена и поделена меѓу Грција, Србија и Бугарија. Ќар имаше и Албанија која доби 40-тина македонски села. Со заседанието на АСНОМ, на 2 август 1944 година, договорот од Букурешт беше делумно ревидиран: делот кој го доби Србија стана современа македонска држава. Се средија односите со Србија ама останаа аспирациите на СПЦ кон МПЦ, што загрижува.

Грција, пак, која со договорот од Букурешт, за прв пат во историјата доби дел од регионот Македонија, никогаш не прифати постоење на македонски народ. По 1913 година, тие спроведоа вистински геноцид врз тамошните  Македонци. Од стотици илјади, останати се релативно малку. Нивната голгота продолжува бидејќи немаат никакви малцински права. Мора да се нагласи, меѓутоа, дека за Грција не е спорно дека ние сме одвоена нација. Клучен проблем за нив е фактот што се нарекуваме Македонци и така го користиме историскиот бренд – Македонија, којшто се поврзува со античкиот период. Од тука произлегува и проблемот со името, кое го симболизира националниот идентитет на нашиот народ.

Позиција на Бугарија е поекстремна од грчката. На само што и Софија не прифаќа дека сме Македонци, дека зборуваме македонски јазик, дека имаме македонска култура, историја, традиција… туку смета дека сме „неосвестени Бугари“, дека нашиот јазик е дијалект на бугарскиот и слични глупости и историски недоветности. Тоа значи дека за нив, ние не постоиме како посебен народ, што се обични бесмислици. Најдобар доказ, дека игнорирање на Македонците е само тежок бугарски и грчки историски синдром, бесрамна политика и неприфатлива ароганција, е фактот што „Македонското прашање“ е актуелно најмалку 150 години. Може ли сите тие години да има „Македонско прашање“ а да нема Македонци?

И Македонците во Бугарија, беа и се’ уште се изложени на жестока асимилација. Од стотици илјади, најголемиот дел ги снема.  Најзагрижувачко е што под континуиран и неподнослив притисок на бугарските власти, младите се оддалечуваат од националните корени, со цел да обезбедат егзистенција. За нив нема работа ако се декларираат како Македонци. Нивната борба за признавање продолжува ама тешко оди бидејќи навлегува во регионалните интереси на најмоќните. Со весникот „Народна волја“, кого го уредува и издава 30 години,  Георги Христов е вграден во темелите на непокорот на Македонците од Пиринскиот дел. Тој е еден од бардовите на  борбата за правата на Македонците во Бугарија. Неговата книга, „Гневот на правдата“, е илустрација и доказ за малтретирањата на кои тие биле изложени. Христов пишува за голготите низ кои врвеле тие ама можеме да замислиме дека е тоа само мал дел од сите нивни премрежија. Негова единствена цел беше да докаже дека вистината не може да се игнорира, дека Македонците се реалност, без оглед дали некој ги прифаќа како такви, или не. Улогата која весникот „Народна волја“ ја игра во Бугарија е историска. Такви се и текстовите на Георги Христов алијас Јан Пирински кои, преку неговата книга, ќе станат културно наследство на сите Македонци, каде и да се тие. Христов е дел од темелите на македонизмот во Бугарија кој се повеќе се губи.

Дејци како Христов, целосно посветени на националната кауза, не се ретки само во Бугарија туку и на сите простори каде живеат Македонците. Водени од сопствените интереси, тајните служби на соседните држави, ама и на големите сили, немилосрдно го разбивале македонското национално ткиво, внесувајќи раскол меѓу луѓето, со цел што полесно да ги контролираат. И успевале во тоа. Така беше, така е, а така и ќе продолжи. Македонците се секаде длабоко поделени и се гледаат низ нишан сакајќи да се уништат меѓусебно. Само да се погледне какви се’ петтоколонаши  се појавија меѓу „интелектуалците“ во Македонија, поддржувајќи ги во последно време фантазмагориите на Бугарија, Грција, Албанија… Вака разединети, остануваме лесен плен на непријателите. Полека, полека, чекор по чекор, тие успеваат во своите намери да ни ги скратат крилјата. Дали целосно ќе не сотрат, во голема мерка зависи и од нас самите. Заминувањето на Георги Христов нека биде причина и повод да се преиспитаме – каде одиме како народ, што не чека, и сите заедно да тргнеме во офанзива во одбрана на универзалните права кои и нам ни припаѓаат. Проблемите и предизвиците секогаш ги сплотувале народите. Така било и со Македонците во минатото. Не треба да има пречки тоа да се повтори и сега бидејќи сме пред историски предизвик – да опстанеме како народ, или да не снема од меѓународната сцена и тоа во моменти кога имаме своја современа држава.

Георги Христов е значајна личност во борбата за одбрана на македонизмот и тоа не само во Бугарија. Неговите заложби нека бидат пример и мотив за другите Македонци како треба и мора да се брани сопствениот народ. Правдата ќе победи само ако некој ја бара. Неправдата ќе се промени само ако се бориме против неа. Борбата за опстанок на Македонците, и во соседните земји, и во самата Македонија – продолжува.

Нека му е лесна земјата на нашиот херој, Георги Христов.

– Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

Блokирана пола Србија – полицијата не ги обeзбедува пpoтестите

Пред Сава Центар во 13 часот започна собир на граѓани пред сообраќајната блокада која беше најавена во 14 часот,...

More Articles Like This