КОЛУМНА НА СОТИР КОСТОВ: Смрдеата од неисчистените Авгиеви штали на бугарската историографија!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Бугарските историчари за македонското прашање и нашите одговори (1.)

 

Испровоциран од перфидната игра на Бојко Борисов, за ‘’заедничката историја на Бугарија и Македонија и за заедничкото славење на истата’’, како експонент на денешната бугарска државна политика, замаскирана со лажното лице на пријателство и добрососедство, која, наивниот или програмираниот Зоран Заев, веќе ја прифати, но и револтиран од крајно тенденциозните и понижувачки изјави на Божидар Димитров за формирањето на македонската нација и македонскиот јазик,  одлучив да напишам краток серијал колумни, како моја одлучна и енергична реакција на нивната политизација на историјата, пројавена како голема и срамна историска лага. Воден сум само со една и единствена цел – да ја изнесам историската вистина, која не потекнува ниту од референдумско потврдувачката 1991г., ниту од државотворната и АСНОМ-ска 1944г., ниту пак од славната, револуционерна и Илинденска 1903г. Напротив. Нејзините современи корени датираат од последната декада на 18от век, па до 1840 година, кога се напишани и објавени првите текстови на македонски јазик од Даниил Москополец, Теодосија Синаетски, Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ. Тоа е периодот на будење на македонската национална свест. Продолжуваат во втората половина на 19от век, кога најпрвин се издадени првите учебници од Јордан Хаџи Константинов – Џинот и Кузман Шапкарев, родена е новата македонска литература со Димитар и Константин Миладиновци, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, и напишани се и првите граматики и национални публикации од Ѓорги Пулевски, Димитрија Чуповски, па се до плејадата од крајот на векот, и почетокот на следниот –  Петар Поп Арсов, Војдан Чернодрински, и, се разбира, највпечатливиот афирматор на македонската посебност, Крсте Петков Мисирков. А можеме ли да не ги споменеме и Коста Рацин, Венко Марковски и Блаже Конески, од првата половина на 20от век, и останатите Ацо Шопов, Владо Малески, Славко Јаневски, Коле Чашуле, од првата повоена генерација литерални дејци, па Анте Поповски, Гане Тодоровски, Симон Дракул, од втората генерација, и Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Миле Неделковски, Евтим Клетников, Венко Андоновски, Горан Стефановски, и …. и … уште толкумина други, и многу повеќе, поради кои не сме народ и нација без национална свест, национална идеја, мисла и национален пишан збор. Овие корифеи на творбите на македонскиот дух, преку своите литературни дела, и низ најразлични јавни пројавувања – истражувања, мемоари, есеи, публикации, епистоларија – сите до еден, се огласија, енергично и ангажирано, чесно и жестоко, и ја деблокираа историската вистина, со цел да се осветли историската темна инерција и заблуда околу нашето име, идентитет, народ и држава. Сите тие, и многу други знајни и незнајни, се стамени воини на/за единствената македонска вистина. Поради сите нив, повеќе од 200 години не сме анонимен дел од светот, повеќе од 70 години Македонија не е веќе тера инкогнита. Се во функција на одбрана на македонството – видено, разбрано, сфатено и прифатено како позиција на разум, на цивилизациска суштина и на културна комуникација.

А сега нешто повеќе, и поконкретно, за негаторите на оваа македонска кауза, и противниците на македонската истрајба и опстојба. Тоа е делот од бугарските историчари, автори на бугарската историографија, кои ги создадоа нај искривоколчените историски идеи, мисли и записи за нас Македонците и нашата Македонија, но и за себе самите. Сите, од првата, до последната – идеа, мисла, запис – се најголеми невистини, од причина што не се поткрепени со издржани аргументи, а веродостојните факти им недостасуваат. Како такви, се чисти и голи лаги. Почнувам со констатацијата дека бугарската историографија во однос на Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик отсекогаш била во функција на великобугарската државна политика. Надополнувам дека слепо бранејќи ги великобугарските аспирации кон македонскиот народ, македонската територија, македонскиот јазик и на македонската држава отстапуваше од научните стандарди и историските факти и аргументи и се претвораше во пропаганден сервис на великобугарската политика на дневно политичка основа. Кога е во прашање Македонија и македонското прашање, безмалку повеќе од 150 години, бугарските историчари, ја пишуваат историјата според потребите, интересите и диктатот на бугарските политичари. Секако, има чесни исклучоци, но тие се многу малку на број. Ако ја анализираме бугарската историографија, т.е што се пишувале бугарските историчари за Македонија, и како со тек на времето се менувале нивните ставови во врска со историското минато на македонскиот народ, ќе забележиме дека бугарската историографија во најголема мера е јавна слугинка на дневната политика во Бугарија. За потврда на оваа констатација ќе дадам примери, поткрепени со факти и аргументи, за историографијата на Бугарија од 1944 година па се до денес. Истата, условно можеме да ја поделиме на три периоди: Првиот, од 1944 до 1948 година, до петтиот Конгрес на Бугарската комунистичка партија. Вториот, од 1948 година до 1958 година, до седмиот Конгрес на Бугарската комунистичка партија. И третиот, од 1958 година па наваму.

Основна карактеристика на првиот период, е што по 9ти септември 1944 година, после победата на прогресивните сили во бугарското општество, создадени се услови за развој на историската наука врз научни основи. Треба да се има во предвид дека бугарската историографија од претходниот период, а значи тоа е периодот на Балканските војни, Првата и Втората светска војна, обработувајќи го историското минато на бугарскиот народ од идеалистички, романтичарски и фашистички позиции, имаше направено такви искривувања и фалсификати за историските настани, личности и севкупни случувања, што слободно може да се каже дека пред бугарските историчари се постави задачата да ги исчистат прљавштините од Авгиевите штали на бугарската историографија. Тој е период кога најголемиот дел од бугарските историчари поведоа борба против се уште присутната фашистичка идеологија во бугарското општество, против искривувањето на историјата, против великобугарскиот шовинизам, кои беа еден вид целосна и заокружена идеологија на дотогашната бугарска државна политика за територијални заграбувања, за негирање на македонскиот народ и македонскиот јазик.

Во таа смисла, историчарот Јарослав Јоцов анализирајќи ги настаните од блиското минато, во статијата “Балканската војна“ (објавена во списанието ‘’Историски преглед’’, за година 1946 – 1947, книга 4-5), пишува: “Надворешната политика на Бугарија од ослободувањето од Отоманската империја до Балканската војна, земајќи, сообразно со меѓународната ситуација и силата и можностите на земјата во моментот, различни форми, упорно говореше една цел – подготовка за завладување на Македонија. Барајќи го пријателството со султанот, каква што беше политиката на Стамболов, или поткрепата на царска Русија, каква што беше политиката на Стоилов, бугарската буржоазија, преку своите политички партии на власт, ја имаше пред очи секогаш Македонија. И пријателството со султанот и потпирањето на царска Русија, бугарската буржоазија ги ползуваше за засилување на своето влијание во Македонија. Средствата на таа политика беа Егзархијата и училиштата. На своите завојувачки цели, меѓутоа, бугарската буржоазија им даваше форма на национално обединување. Со тоа таа сакаше да ги вовлече народните маси во вештачки создадениот од неа национализам… Буржоазијата и дворецот имаа само едно средство да го оттргнат вниманието на народните маси од актуелните прашања на внатрешната политика. Тоа беше активната агресивна надворешна политика за територијално разрешување и војна која требаше да ги реализира целите на таа политика… “ .

Завршувајќи ја својата статија, овој историчар заклучува: “На Балканските монарси и балканската буржоазија, опфатени од своите династички и тесно класни интереси, не се покажаа способни да ја решат таа историска задача…“. Истиот историчар, во една друга статија, “Вмешувањето на Бугарија во Првата светска војна“, печатена во “Исторически преглед“, година IV, книга 4-5, го пишува следното: “Бугарската буржоазија, исползувајќи го блиското родство на бугарскиот и македонскиот народ, ја прикриваше својата империјалистичка политика за господство на Балканот со фалшивата политика за национално обединување на другите, според неа, под туѓо ропство делови на бугарскиот народ. Навистина, меѓутоа, во текот на Балканската и Првата светска војна го покажаа вистинското лице на бугарската буржоазија“.

Од тој период значајна е и статијата на историчарот Јоно Митев “Формирањето на бугарската нација“, објавена во “Исторически преглед“, година IV, книга 3, во која тој прави строго разграничување, временско и територијално, во формирањето на бугарската и македонската нација. Во таа смисла тој ќе напише: “Не може да не се одбележи колку антинаучни се сфаќањата на некои бугарски историчари и социолози, кои истакнуваат дека ‘изникнувањето на националниот живот претставува бактериска микро фауна, која му донесува само понижување на сопственото културно ниво и создава политички хаос во светот’ (Христо Гандев, “Националната идеја на бугарскиот историопис“, 1940, книга II, страна 149). Според буржоаските историчари и социолози, малите нации како Македонците, Словенците, Австријците и други не постојат. Тие се само делови од големите нации – Бугари, Срби, Германци и други. Со тие свои теории, бугарските историчари му служат наполно на велико шовинизмот и фашизмот“.

Разгледувајќи го оформувањето на ново бугарскиот јазик, овој историчар ги дава и границите на територијата каде што се простира тој јазик – меѓу Дунав и Белото море, и на запад до линијата Пирин – Деве Баир – Пирот – Тимок. Истовремено истакнува дека според големо бугарските шовинисти, македонскиот јазик е само една дијалектна разновидност на бугарскиот јазик. Тие додаваат дека границите на бугарската нација стигаат до Костур. Истакнувајќи ја апсурдноста на оваа теорија на бугарските буржоаски историчари и социолози, историчарот Јоно Митев тврди дека преку споредбата на старите зборници на народни песни, македонски и бугарски, со сигурност може да се утврди дека во текот на многу векови се формирал одделен бугарски национален јазик и одделен македонски национален јазик. Слична споредба може да се направи и помеѓу поезијата на Петко Славејков и на Константин Миладинов, што ќе потврди дека бугарскиот и македонскиот јазик со тек на времето се оддалечиле еден од друг. Овој историчар објаснува и дека територијата на една нација се оцртува и според економскиот и политичкиот живот. Тврди дека ако ја проследиме економската историја на Бугарите и Македонците, ќе видиме дека Македонија уште од порано се оформила до некаде во одделна економска област во центрите Скопје, Битола и Солун. Во поглед на политичкиот живот, за Бугарија вели дека се развило едно силно револуционерно движење и не е случајно што револуционерната организација на Левски не се простирала во Македонија. Крајната точка на оваа организација основана од Левски на југозапад е Горна Џумаја. Подоцна, и во Македонија се формира Внатрешна револуционерна организација која дејствува само на територијата на етничка Македонија. На крајот, овој историчар заклучува дека историски факт е постоењето на македонската нација, која си има своја држава, своја власт и свој културен живот. И додава, обединувањето на Македонците надвор од македонската држава е прашање на време.

Двајцата напред наведени историчари Јарослав Јоцов и Јоно Митев оценуваат дека им претстои сериозна задача на бугарските историчари од старата школа – да направат самите преоценка на своите дотогашни ставови, со цел да ги отстранат своите идеалистички, романтичарски и реакционерни сфаќања. Само на тој начин ќе се направи расчистување на Авгиевите штали на големобугарскиот шовинизам. Повеќе од јасно е дека бугарските историчари во периодот од 1944 година, до 1948 година, не само што го признаваат фактот на постоење на македонската нација и на македонскиот јазик, како нешто одделно од бугарската нација и бугарскиот јазик, туку пишуваат и за развојот на македонската нација и јазик како историски појави од почетокот и средината на 19от век. Бугарските историчари, наместо да го држат овој курс во историографијата и понатаму да ја втемелуваат врз научни основи и историската вистина, тие, во периодот што следува, полека, ама сигурно, почнуваат да го менуваат правецот, што значеше враќање во поранешна состојба, а тоа се позициите на историски фалсификати за настаните, личностите и севкупните случувања во историјата, кое водеше кон романтичарски национализам и потонување во глибот на великобугарскиот експанзионизам и шовинизам.

Костов Сотир

11 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This