КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Во САД плачкото е плачко, а во Македонија плачкото е борец за слобода!

  • October 18, 2016

stevco_naslovnaМногу интересни работи се случуваат во САД. Некој се обидува нам да нe претстави како неандерталци и дека сме недемократска земја. Преземаат мерки за да немало неправилности на избори, се мешаат и за што треба и за што не треба.

Како резултат на хакираните мејлови од страна на Асанж на изборниот штаб на Хилари Клинтон, Доналд Трамп претседателскиот кандидат н Републиканската партија предупредува дека изборите за претседател на САД ќе бидат лажирани. На ова Обама денес експресно му одговори, цитирам „Доналд Трамп почнува да плаче пред да започне играта“ и му порача дека очигледно го „нема тоа што е потребно за да се биде претседател“.

Се прашувам дали добро слушам.

Најпрвин се случи во внатрепартиските избори 5,000 гласачи од Њујорк од партијата на Хилари Клинтон да ги нема во партискиот избирачки список и да останат без право на глас. Денес, на Асанж му го укинаа интернетот во амбасадата на Еквадор во Лондон затоа што се закани дека до крајот на изборите ќе објавува многу хакирани мејлови што ги испраќала Хилари Клинтон.

Трамп се жали дека изборите ќе бидат лажирани, а Обама го нарекува плачко.

Значи, демократски е некому да му го укинете интернетот и да му го ускратите правото на граѓантие да ја слушнат вистината. Демократски е да имаш нечист партиски избирачки список. Тој што се сомнева во изборите го нарекуваат плачко.

И ние Заев го викавме плачко, а тие ни се закануваа дури и со санкции. Се констатира дека нашиот избирачки список бил чист и не сме банана држава без институции како што тие мислат. Очигледно овде важи правилото „не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“.

Да сум на местото на Американскиот амбасадор ќе се подзамислам дали ќе се јавувам на Твитер да солам памет пред изборите во Македонија, затоа што неговите претседателски кандидати кои би требало (како вели Гидра) да бидат на „нивоу“, тие се плукаат како тетки на селски плот.

Каде им е политичката култура, каде им е политичкиот дијалог, каде е политичката толеранција, каде е натпреварот на идеи и аргументи, каде е позитивната кампања, каде е одвојувањето на државата од партијата кога Обама во својство на претседател на САД се вклучува со коментари на страната на Хилари Клинтон. Очигледно, Џес Бејли повеќе треба да дели совети во САД отколку кај, па кога таму ќе ги прифатат неговите совети тогаш ќе има кредибилитет да не учи нас во Македонија.

Засега практиката го покажува сосема спротивното. Очигледно, САД не е совршена држава, како што не е ни Македонија ама по се изгледа американскиот амбасадор во Македонија овој пат си ги пружи нозете надвор од чергичето.
Затоа јас сум против априори прифаќање на се што ќе ни сугерираат „добронамерниците“ од надвор.

Многу ми се допаѓа Виктор Орбан што не им прифаќа на Европејците се што ќе посакаат, и прави онака како што цени дека е најдобро за неговата земја. Впрочем, и Англичаните проценија дека натамошното членување на Велика Британија во ЕУ не е од интерес на нивните граѓани, и на референдум одлучија да излезат од Унијата. И, нема „љутиш“.

Затоа и ние, што не ни одговара не треба да им прифаќаме и пак ќе си бидеме пријатели. Досега се сме им прифатиле, освен една работа, а тоа е да прифатиме промена на името.

Промена не смееме да прифатиме. И, пак ќе си бидеме пријатели.

Претходно «
Следно »