КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: „Пет-скен“ од претседателот Иванов

  • December 28, 2018

Се дрзнал некој, да и каже на мечката дека задникот и бил многу црн. Мечката се налутила, почнала да реве, станала агресивна! А зошто се лутела, кога и била кажана вистината? Задникот и бил црн, како гламња.

Така денес во парламентот, претседателот Ѓорѓе Иванов им ја кажа вистината на пратениците и владата од СДСМ и нивните коалициони партнери. Задникот им е црн како гламња. Скокаа, викаа, довикуваа, навредуваа. Ги печеше вистината. Во медиумски мрак, ваков во каков што живееме, каде што можноста опозицијата да се искаже е сведена на минимум, дебатата е сведена на внатрепартиски инцест, каде НВО борците за демократија се претворија во провладини мегафони, каде што наводните жртви денес се претворија во сурови џелати, не можеа да издржат ниту едночасовно обраќање на Претседател кој што на директни и тајни избори добил 550.000 гласови.

Се прашуваат ли тие, како ни е нам кога им го гледаме перењето на мозоци и убивањето на Македонскот дух, потиснувањето на интелегенцијата, едномесечната разулавена пропаганда за референдумот. Секојдневни пресови, едни та исти дебати, со едни исти говорници, со едно исто мислење и реторика, како во хор на 24Вести, Телма, Канал 5, онаа новата рекетарска телевизија, портали, интернет телевизии, сороси-мороси, фејсбук ботови и кој сѐ уште не платеник да ни вршат аудио-визуелен терор со месеци.

Власта покажа како владее. Со терор, без толеранција. И наместо да им дојде ум, да ги преиспитаат своите улоги, затоа што и нивните со кои секојдневно се среќавам, велат дека „работава не ја бива“, односно, СДСМ не го бива.

Со невидена, речиси технолошка прецизност, претседателот Иванов направи досега невиден „пет-скен“ на заболеното од канцер Македонско општество. СДСМ во парламентот се однесуваше како тешко болен пациент на кој не му се допаѓаше лошата дијагноза, па како што гледам веднаш во дебата на „24Вести“ си бараат и си посакуваат нов лекар што ќе им каже дека општеството не е заболено, туку е со добро здравје. Се што кажа Иванов, беше од точно поточно. За јазолот, како што се нарекува македонското прашање, за кој или се воделе војни или се влегувало во сојузи, точно е дека некој се обиде истиот да го пресече наместо внимателно да го одмота.

Зарем не е точно дека без Македонски народ, јазик и идентитет нема ниту Македонско прашање? И дека ова прашање СДСМ се обидува да го реши без консензус, без согласност на Претседател и без опозиција. Во што е оваа констатација на Иванов погрешна? Зарем греши кога вели дека од Македонскиот народ се бара правно да се самоукине, и наместо за идентитет да се определи за просперитет. Зарем претседателот Иванов греши кога вели дека Зоран Заев нема што да се удира во гради дека ни го сочувал јазикот, затоа што истиот го сочувале токму оние кои го зборувале тогаш кога било забрането да се зборува на Македонски.

Тивко, ама сигурно и достоинствено проработе имунитетот на Македонскиот народ, токму на референдумот. Тивкото мнозинство – бојкотирам, донесе гласна одлука која ја слушна целиот свет и значеше одлучно – НЕ! Народот ја отфрли уцената и го одбрани правото на самоопределување.

Што е неточно во фактот што неуспешниот референдум СДСМ се обиде да го прикаже како успешен?

Правиме уставни промени кои предизвикуваат тектонски пореметувања во Македонското општество и држава. Од преамбулата правиме обична салата, иако во нејзе, како што вели претседателот, се содржи наративот за тоа како Македонскиот народ ја направи државата.

Што ви е бре комуњари претседателот крив, кога во лице ви кажува дека потпишувате договори на кои подоцна ќе ви бараат анекси. Иванов ли ви бара на договорот анекс, или официјална Софија? Каде греши угледниот професор на Правниот факулет и прв човек во државата, кога вели дека не може да се сака Македонија, а да се мрази Македонскиот народ, невозможна е кохезија без Македонскиот јазик. Македонскиот јазик е „лингва франка“ кој го обединува општеството. И, што во овие реченици има лошо? Наместо љубовта кон татковината да станува доблест и чест на секој нејзин граѓанин, само во Р.Македонија истата станува грев.

Целосно е во право кога се прашува зошто само Република Македонија единствена на Балканот да биде без државотворен народ?

Говорат ли фактите дека СДСМ и Зоран Заев прво побара поддршка на избори од граѓаните, па потоа им ја соопшти „Тиранската платформа“, бугарскиот и грчкиот договор? Зарем греши кога вели дека не уценуваат, се што потпишуваме, е со уцена од соседите, одосно и однадвор и внатре се уценети носителите на одлуки, и дека уцената станува основно средство за остваување на политичките цели.

Целосно се согласувам дека двегодишото политичко насилство, на 27.април минатата година доведе до физичко насилство. Зарем не сме сведоци дека уставните промени се обезбедуваат преку уцени, а помилувањето не е заради помирување, туку заради озаконување на уцените.

Посебно треба да се забавиме со една теза која ја кажа претседателот Иванов во која рече дека великодушната амнестија е обид да се сокрие вистинскиот нарачател за 27.април. Ова е многу симптоматично. Сите треба да се запрашаме, дали претседателот за 27.април знае нешто што народот не знае? Посебно треба да не заинтересира оваа негова реченица, затоа што Агенцијата за разузнавање е под негова ингеренција и мојата претпоставка е дека неговите разузнавачи имаат информации за вистинските нарачатели од 27.април.

Посебен осврт во своето обраќање претседателот посвети на правото, правната држава и правосудниот систем. Жално е за една земја и еден народ, кога нејзиниот претседател ќе се запраша со реченицата: „Кој од оние кои го промовираат правото, го почитуваат правото?“

Жално е како граѓани да гледаме и да слушаме како нашиот претседател констатира дека во оваа држава, правото и уставот слободно се толкуваат и дека правдата за жал е слугинка на моќта.

Посебно тешко ми падна кога рече: „Тешко на оние поколенија чии што судии заслужуваат да им се суди!“. За жал, се сеќавате на говорот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој велеше дека и на судиите ќе им се суди.

Особено интересно е тоа што тој дури се осврна и на воздухот, не како амбиентална и еколошка, туку како политичка категорија, велејќи дека воздухот е позагаден кога некоја партија е во опозиција, а кога е на власт тој станува чист. Па зарем СДСМ додека беше опозиција не велеше дека власта е виновна што воздухот е загаден? А, сега ни кажува тоа било долготраен процес. Целосно се сложувам со него кога зборува за гасоводниот систем, веројатно мислеше на „Турски поток“ кој не заобиколи и наместо да бидеме транзитна земја во тој гасоводен систем ние ќе бидеме краен корисник. Наместо од транзитот да имаме корист и придобивки, како краен корисник даваме уште една можност на соседите да бидеме уценувани.

Тој се осврна на здравството, образовението, одбраната. Единствена замерка имам што не даде свое видување за економските состојби во земјата. Веројатно проценил дека ако прозбори за економијата треба да и каже на мечката дека не само задникот, туку и очите, ушите, главата – се и е црно како гламња.

Оваа „пет-скен“ дијагноза ако ни ја направеше Прибе, или некој друг „добронамерник“ од Европа, а не дај Боже од Америка, Заев и власта ќе си ја свиткаа опашката, а тоа ќе го проценеа како насоки за тоа каде треба да се движат реформите. Но штом доаѓа од некој одвнатре, од Претседателот или не дај Боже од опозицијата тие со него се однесуваат како непријател на државата.

Наместо да ја чукнат главата, да се преиспитаат, да се оттргнат од кругот и центрифугалните сили на нивното едноумие и да бараме чаре за државичкава и народецов, тие уште фрлаат чифтиња.

Епа, баба Мецо, на крајот ќе ти ја дупнат муцката, ќе ти стават синџир,  ќе почнат да ти чукаат со дајре и не само што нема да ревеш туку ќе играш. И тоа по нотите кои ќе ти ги напише Македонскиот народ.

Во моментов тој молчи, глуми исплашеност, а убеден сум дека им ги пишува изборните ноти и лекот за канцерот утврден од „пет-скенот“ на претседателот Иванов.

 

Претходно «
Следно »