КОЛУМНА ТОДОР ПЕТРОВ: Лекции по демократија!

  • July 4, 2016

todor_petrovИ во времето на комитите имало курири и шифрирани пораки. Така се штитела револуцијата и нејзините деца!

Комоцијата во комуникацијата без резерва и без граници за се’ и сешто, во ера на софистицирани технологии кога се’ се слуша и се’ се гледа, е еднакво на самоубиство. Така не се штити државата и нејзините граѓани!

Скандалот со прислушкувањето е добра поука за сите и за секое идно несвршено време. Не е наш патент, го има од сите и кај сите, но секоја планина со своја тежина.

Во слобода и демократија, интегритетот и приватноста на личноста се неприкосновени, животот и сопственоста се неповредиви!

Се разбира, одговорноста е неизбежна, но по закон. Власта не подразбира само права и привилегии, туку обврски и одговорности!

Насилството и агресијата се неприфатливи и државата од тоа зло мора да се штити.

Истовремено, непризнавањето и блокадата на државата и власт по секоја цена е лудост.

И покрај се’, нека никој не заборава дека, Македонија е суверена држава Македонците се суверена нација, Македонија е одржлива демократија Македонците се посветена нација и таа историја и вистина повеќе никој и никогаш не може да ја смени! Ако не е така, треба да се бориме да биде така!

Портокалови револуции и воени преврати во Македонија не проаѓаат, Македонија не е Босна или Украина, Македонците не чекаат арапска пролет, власта се добива со мандат на избори. И мора да се почитува суверено изразената волја на граѓаните. Сомневањето на опозицијата во валидноста на изборите како рецепт за бојкот на државата и институциите на власта е непримерно однесување. Затоа што е алиби за сите и без крај. Неприфатливо е постојано заложништво врз мнозинството од страна на малцинството, тука мора да има ред. Армијата и полицијата не се здруженија на граѓани, туку репресивни инструменти за заштита на поредокот.

Инсталацијата на омразата како поведение и однесување кон различните неизбежно води до одмазда и војна, но тогаш губат сите!

Може да не ве сакам, ама тоа не значи дека треба да ве мразам, никогаш нема да ве мразам. Како што, ако не си со мене, не значи дека си против мене. Може да не согласувам со вас, ама ќе се борам да го чујам вашето мислење.

После мене потоп и власта тоа сум јас, е трајно минато свршено време. Животот продолжува и без секој, но не може без сите.

Не, народот е во право и кога греши, туку народот секогаш е во право!

Во младоста е храброста, но во староста е мудроста, затоа што дипломата е цертификат за навика за ука, но знаењето е во искуството.

Македонците се цивилизација на мирот и љубовта наспроти војната и омразата. Македонците се цивилизација на толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата. Македонците се цивилизација на културниот глобализам кој подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси јазици религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам кој врз основа на профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси јазици религии и култури се’ до нивна физичка ликвидација од земјината топка.

Македонската цивилизација е основа на Балканот, на Нова Европа и на современиот културен глобализам.

Крајно, и покрај сите хипотеки и анимозитети, и покрај тоа што по меѓународно право Македонците денес се единствен носител на државното име Македонија, а свесни за државата Македонија во време и простор од Империја до Република, Македонците недвосмислено декларираат дека: Културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации.

Разликите во мисла и уверување се слобода и демократија, но промената на државното име е најтешко кривично дело велепредавство коешто не застарува.

Промената на власта не значи промена на државното име и тука нема алиби.

ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

Македонија од исконот до бескрајот! Македонија вечна! Амин!

Претходно «
Следно »