Корона вирусот ќе стави клуч на скопската чаршија, занаетчиите остануваат без работа

  • March 25, 2020
  • Коментари

Здравствената криза која ја зафати Македонија со појавата на корона вирусот тешко ги погоди стопанството, бизнисите и трговијата. Старата скопска чаршија, која до пред овој период беше место каде се среќаваа сите возрасни групи и едно од главните места за странските туристи, денес изгледа како напуштено место, пишува „Порталб.мк“.

Повеќето бизниси и дуќани се затворени, а тие што се отворени речиси немаат воопшто продажба. Бројот на луѓе што може да се сретнат по пустите улици низ целата чаршија е многу мал. Вработените во малиот број бизниси кои и понатаму се отворени за „Порталб.мк“ изјавија дека кризата со корона вирусот екстремно ги погодила бизнисите во чаршијата.

– Бизнисот е 120 отсто погоден. Нема луѓе по улиците. Ние работиме со нарачки, со компании кои нарачуваат и праќаат. Во споредба со претходниот период многу слабо е. Имаме 2-3 нарачки на ден, нема ништо. Сега засега нема можност да ја надминеме кризата, подоцна можеби. Ние сме тука за да работиме, егзистенција за семејството, нема ништо друго – вели вработен во еден од рестораните во чаршијата.

Како последица на корона вирусот, работата видливо е намалена и за хотелите, каде што моментално сите резервации се откажани.

– Моментално сме погодени, бидејќи сите резервации се откажани поради кризата и не работиме. Во овој момент немаме ниту еден посетител. Имаме резервации од средината на месецот, коишто сѐ уште не се откажани, а до тогаш сите резервации ги имаме поништено – изјави вработен во еден од хотелите.

Сепак, кај нив преовладува надежта дека состојбата наскоро ќе помине и бизнисите повторно ќе заживеат.

– Бизнисот е значително оштетен. Нема ништо. Седиме по цел ден. Немаме ниту една нарачка во текот на денот. Дуќанот го отвораме само колку да не биде затворено. Треба секогаш да бидеме оптимисти дека ќе ја надминеме оваа криза, а не дека ќе ѝ попуштиме на оваа криза. Ќе преживееме и ќе дојдат подобри денови, по секое лошо доаѓа добро – ни изјави сопственикот на една златара.

За тешката состојба во која се наоѓа секторот на занаетчиство, алармира и извршната директорка на Занаетчиската Комора, Анета Атанасовска.

Таа рече дека целиот сектор е блокиран бидејќи ништо не функционира, и според неа, најголемиот дел од бизнисите во моментов не функционираат, а одреден дел од занаетчиите најавиле целосно затворање на нивните бизниси.

– Поголемиот дел од другите занаетчиски дејности, се исто така затворени затоа што нема добивка од производството. Занаетчиството се наоѓа пред почетокот на голема криза. Сега веќе се чувствува одредена паника кај занаетчиите за тоа како ќе ги покријат нивните давачки како што се струја, греење, што нормално произлегуваат како обврски кон државата и платите за вработените – вели Атанасовска.

Од Занаетчиската комора посочуваат дека веќе има најави за затворање на одредени занаетчиски бизниси, бидејќи некои чувствуваат дека не можат да се справат со товарот во поглед на платите и егзистенцијата на нивните семејства.

Анета Атанасовска вели дека поднеле предлог за пакет на мерки за да се преживее кризата и се надева дека истите ќе се земат во предвид од страна на владата.

– Занаетчиската Комора поднесе пакет мерки против кризата, во кои предложивме да бидат субвенционирани придонесите на вработените, бидејќи одреден дел од занаетчиските бизниси се само-вработени, а се без работници, но имаме и голем дел кои имаат вработен. Така да, предложивме и субвенционирање на платите во тој дел, за да може да им се даде финансиска поддршка да опстанат во овие кризни времиња – вели Атанасовска.

Претходно «