КОЧО ЈА САКА СТРУЈАТА, СТРУЈАТА ГО САКА КОЧО: Кочо Анѓушев и повластените тарифи за фотоволтажни централи

  • March 18, 2019

Основата за овој текст е веста која беше објавена, поточно гласно раструбена, низ сите постоечки медиуми во Македонија, субвенционирани или електронски.

Интервјуа, тв-панели, агенциски вести, се во смисол и слава на мудроста на нашиот заменик премиер, министер за енергетика, трговија и слични дејности во владата на северна Македонија, професорот и доктор (академик?) проф-др. Кочо… Анѓушев!

Воглавно, ако некако сте ја промашиле веста, и тоа исклучиво ако сте биле во кома или некако вон допир со цивилизација, пошто инаку немаше да можете да ја промашите, се работи за следново: Кочо смислил како Македонија да инсталира 200 МW (машала!) фотоволтаици на неколку (сега за сега: две) локации низ Републиката од кои вие ќе може да си купите парче и да си штампате струја, сè друго Кочо ќе го регулира. Објавените локации се некаде во поширокиот регион на: бр. 1 Свети Николе и бр. 2 во Македонски Брод, преведено на обичен јазик: во Пичковец и во Тролоо, за каде што се потребни две работи да откриете каде се за да ги посетите: Професионална GPS опрема со јак сигнал за да ги најдете и магаре, за да успеете да некако стигнете до таму.

Зошто Кочо го прави ова:

Па, всушност е просто: Пошто сме запнале да се приклучуваме кон Европска Унија. Во истата таа унија, (или „сојуз“ на источен дијалект), постојат т.н. „таргети“, кои за нас обичните граѓани се преведуваат како „цели“ за замена на производство на струја од фосилни со обновливи извори. Сите кои живееме овде знаеме по нешто за тоа, не мислам за струјата туку за чурењето. Сите сме доволно информирани (не велам образовани), дека ако сакаш да имаш струја, да се загрееш во зима, да отидеш негде или едноставно да ручаш, некаде мора да чури. Во Скопје, Тетово, Бомбај, Делхи, Пекинг и Калкута знаеме дека ако многу чури, тоа уствари е штетно и се умира од тоа: доктори би знаеле колку и како. Истото го знаат и овие од ЕУ, па од секирација за сопствените граѓани утврдиле дека секоја држава мора до еди-кој-си-датум да замени 25% од сопственото производство на струја со такво кое не чури.

Нам Македонците, како еден од најстарите и најмудри библиски народи тоа во старт ни е нешто сумљиво, пошто страшно се коси со традициите на нашиот живот и тоа со далекосежни последици – сите ја знаеме онаа старата „Кај ја најде бе оваа, од оваа оџак не чури“ што понатаму значи дека со влез во ЕУ под вакви услови, може да ни се растури самото ткиво на светата македонска заедница – бракот, и тоа баш таквиот меѓу машко и женско. Меѓутоа: ваква технологија навистина постои и клетите западњаци наголемо ја употребуваат во веројатно нешто што е последен обид да се спаси она што е останато од планетата и целокупниот климатски систем, иако постојат мислења дека сè ова е непоправливо заебано и – ни нема спас.

При развој на оваа технологија, клетиот запад направил превид кон македонските традиционални вредности и размислувања околу улогата на оџакот, па сосема безобразно се обидува да ни ги наметне своите вредности без да ги земе во обѕир нашите „обџекшни“ со сосема глуп изговор дека ние сакаме да се приклучиме кон нив а не тие кон нас. На истава тема се случувале и многу поголеми бељи, ама тоа сега не е тема на муабетот. Е, тука влегува Кочо: доаѓа некој од ЕУ, Кочо му вика „ја сум задужен за ова и ја ќе направам 200 мегавати“, овој вика „Добро, толку ми треба“, седи у хотел на една скара со вино и утредента пред да си оди дома, ќе прошпарта по регионов да се види со некои други слични лудаци и си заминува задоволен.

Како Кочо го прави ова:

Итарпејовски. Кочо е цел живот – трговец. И тоа со струја, а не со пипер, патлиџан или ајвар. Без разлика што се претставува како професор/доктор, целиот негов капитал и углед е стекнат со трговија, и тоа со струја. Ако некој знае како се тргува со струја, да се купи поевтино и да се продаде поскапо без никој да ти се замеша во тоа, Кочо знае. И сега од позиција на заменик премиер тоа знаење го користи, како што е ред, за општо добро на граѓаните.

Сигурни сте? Ни јас.

Ај да видиме како овој деловен потфат се рефлектира врз обичниот Македонец: Во веста која беше објавена, се вели дека одредените локации, во тоа, како беше, Свети Николе или Брод или каде и да е, ќе бидат „разделени“ на најмалку 5 мегавати. Значи вие може да се пријавите дека на некоја кочова локација аутсајд Пичковец ќе инвестирате во 5 мегавати соларни панели, за што републиката ќе ви честита и ќе бидете промовирани во звање угледен инвеститор, и ќе добиете секаква помош и локација беспари, и т.н. и т.н.

Е сега, 5 мегавати за неупатеното граѓанство се всушност 5.000 киловати. По оптимистичка проценка од 620 евра инвестиција за инсталиран киловат, доаѓаме до сума од 3,100,000 евра, (со букви: три милиони и сто), и тоа оваа цена не вклучува бандери, трансформатори, кабли и чуда од далновод до локацијата која Кочо бог знае како ја определил, веројатно по критериум никој да не ја види каде е. Прашањето, вредно 3 милиони евра, е: Да не ви се наоѓаат случајно 3 милиони евра? Не? Ни на сметка? Ни по џебови? Аман бе?? Па кој ќе инвестира во ова??

Па, ќе инвестира некој што има 3, 6, 9, 21 или по аритметичка прогресија милиони евра, а тоа не сте вие. Која е вашата улога во ова? Ништо бе дечки, продолжете да плаќате струја. Кочо ќе наполни полиња од 200 мегавати капацитет, ќе повика „странски инвеститори“ од Белиз, Кајмански Острови, Кипар и слични места со плажи и коктели и ќе го реши проблемот. Сè додека вие плаќате струја, сè ќе биде во ред.

Ама? Нема ама. Нели треба да правиме обновливи извори? Нели имаме задача од ЕУ? Нели сакате да не чури? Па што се буните?? Така, драги мои, се бранат сопствените интереси и интересите на тесна група „свои“ луѓе, со кои низ децениските дубари сте оствариле тесни врски, братства, кумства и деловни интереси.

Да се разбереме, во старт: нема ништо лошо во носење странски инвеститори, кога ти фалат домашни. Само што странските инвеститори имаат еден заебан табиет, парите што ги заработиле да си ги однесат дома, у странство, а овде да остават само онолку колку што мора (не колку што треба, него мора – прави разлика!), а методот на привлекување странски инвестиции е секогаш ист: Па, не мора баш многу пари да оставите овде! Чим ти имаш 3 комада у евра (и понатака поможено со фактор 3), ние ќе се погрижиме да си ги вратиш парите во најкраток можен рок, а понатаму да го товариш магарето во најдолг можен рок. Цена? Ситница. Конкуренција? Која конкуренција, кога минимален влог е 3 М? За сите други сонце не грее, еве за нас грее!

Баш би сакал да ја видам структурата на вложувачите во шемата на Кочо, кои се домашни кои јабанџии, од кои држави идат и колку пати е исплакнат капиталот во Белиз-Мелиз пред да се појави во демирхисарско негде на сончање…

Целиот текст можe да го прочитате на следниот линк: Пишува – Ивица Гегоски, дипломириан машински инжинер за Офф.нет.

Претходно «
Следно »