КРИВИЧНИ И ПРЕКРШОЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ПОВЕЌЕ ЛИЦА: Бројни неправилности на стручните лица од Центарот за социјални работи поради злоставуваното девојче

  • February 21, 2018
  • Коментари

Оставено само на себе без грижа од социјалните служби чиј штитеник било 13 годишното девојче од домот 25 мај, кое поради сексуална злоупотреба било принудено да абортира. Министерството за труд и социјала по вонредниот надзор направен во Центарот за социјални работи, најави кривични и прекршочни пријави за повеќе лица поради бројни неправилности во третманот на малолетничката.

Од извештајот на старателот кој непосредно ја вршел старателската должност, не може да се види неговата грижа за лицето ставено под старателство, а особено за неговото здравје, издржувањето и оспособувањето за самостоен живот, за негово воспитание и образование, како и за сѐ друго што е од значење за лицето ставено под старателство, стои во соопштението на труд и социјала.

Истрагата на инспекторите не е само во Центарот за социјални работи.

– Покрај Центарот за социјални раобти каде биле констатирани голем број на прекршувања, Министерството денеска прави вонреден надзор и во домот за згрижување на деца 25 мај, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.

Од европскиот центар за правата на Ромите кои го обелоденија случајот со девојчето, бараат одговорност од сите инволвирани лица и институции. Го известиле и Комитетот за заштита на жените од дискриминација при Обединетите нации, кои се заинтересирале да истражуваат за пеколот низ кој поминала малолетничката.

– Бараме одговорност од обвинителот, да биде санкиониран бидејќи пред 6 месеци знаел кога поднесовме пријавба, но молчел. Кривична одговорност од директорот на домот, од старателот, кривична одговорност на сите силувачи како и одговорност на Центарот за социјални работи, вели Сенада Сали од Европскиот центар за заштита на Ромите.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат одговорност.

Царовска треба веднаш да поднесе неотповиклива оставка од морални и политички причини. Се работи за физичкото и психичкото здравје на децата штитеници на установата која презела обврска да се грижи за нивното воспитувањето и здравје, институција во ресорот на Мила Царовска.

Ова покажува дека системот за социјална грижа во државата е доведен во прашање како резултат на неодговорноста, негрижата и неработењето на раководните кадри именувани од СДСМ, изјави Јована Мирчевска од ВМРО-ДПМНЕ.

За уште двете малолетнички од домот кои биле бремени од кои едната абортирала, надлежните изјавија дека нема елементи на проституција.

Повеќе организации реагираа дека ова е системска грешка а обвинителството води постапка по предмети поднесени од Министерството за внатрешни работи.  И додека се води истрага за овој случај, од МВР информираат дека трагаат по 19 годишна штитеничка од Ранка Миланович, која побегнала од домот.

Претходно «
Следно »