МАКЕДОНИЈА СЕ ПРАЗНИ: Колку луѓе ја напуштиле татковината во потрага по подобар живот?

  • April 3, 2018

Половина од младите се невработени, а вработените најчесто се платени со минималец од 12.000 денари, без разлика дали се продавачи или инженери. Ова се само два од многуте аргументи спакувани во торбите на македонските граѓани кои ја напуштаат државата.

Билетите се во еден правец, зашто не се гледа причината за земање повратен. Најновите податоци за растот на економијата покажаа дека таа лани стагнирала, односно бруто домашниот производ пораснал за нула проценти. Истовремено, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека и понатаму секој втор млад човек на возраст меѓу 15 и 24 години нема работа.

Има ли причина да се верува дека бранот на иселување од државата, кој според некои проценки досега испразнил град приближно колку Скопје запира или, барем, се намалува?

Ако се гледаат официјалните податоци на Државниот завод за статистика, ситуацијата воопшто не е алармантна. Напротив, статистиките за надворешните миграции покажуваат дека во 2016 година од Македонија си заминале 440, а во годината пред тоа, 767 лица. Во деценијата од 1994 до 2013 година според ДЗС од Македонија се отселиле 11.380 лица. Сепак, иако официјални, овие бројки не може да се земат како релевантни, затоа што се пребројани само лицата кои ги известиле надлежните во државата дека веќе имаат адреса во странство.

Меѓутоа, иако со овие официјални бројки за иселувањата ДЗС на некој начин ги сокрива димензиите на проблемот, со други податоци го вклучува алармот. Тоа се податоците кои го покажуваат континуираното “топење# на бројот на работоспособното население, особено на она на возраст од 15 до 24 години и од 25 до 49 години, од кои на списокот на лицата кои можат да работат секоја година снемува по десетина илјади. Статистиката покажува и дека секоја година се намалува и бројот на запишани основци и средношколци, а сервира и многу други податоци кои насочуваат на податокот дека државата незапирливо се празни.

Меѓународните организации кои со години предупредуваат на иселувањата од балканските земји со податок дека една четвртина од населението веќе не живее таму, за овој проблем во Македонија пласираат застрашувачки бројки. Аналитичарите на Светска банка проценија дека до 2010 година Македонија ја напуштиле 440.000 жители, а три годиниа подоцна, или до крајот на 2013, за кога се најновите податоци, бројката се зголемила за уште 200.000 и достигнала 626.312 лица. Тоа значи дека се иселил речиси секој трет жител, или 30,2 проценти од населението. Многу лесно може да се претпостави дека ако и во наредните четири години иселувањето го имало истото темпо, од Македонија денеска нема цел еден град колку метрополата Скопје, за која ДЗС во отсуство на попис, проценува дека има нешто над 800.000 жители.

Претходно «
Следно »