МАКЕДОНСКИ ТЕЛКОМ ЌЕ СЕ ПРОДАВА?: Бугарски „Виваком“ го купи Албанскиот телеком, следен Македонскиот?

  • December 24, 2018

Сопственикот на бугарската телекомуникациска компанија „Виваком“, Спас Русев, победи на тендерот за продажба на Телеком Алабанија, извести албанската телевизија Топ канал.

„Дојче Телеком, сопственик на Телеком Албанија, е во завршна фаза на постапката за продажба на својот албански огранок на бугарскиот Виваком“, објавив албанската телевизија, чии информации ги пренесоа и бугарските портали.

Најголемиот акционер на Виваком, Спас Русев, не дал никаква изјава по овој повод, а Елвин Гури, албанскиот инвеститор кој веќе 20 години живее во Бугарија и кој работи заедно со Русев, рекол дека не може да открие било какви детали, но му се допаѓа идејата за вложување во својата земја по толку години, додава Топ канал.

Виваком е најголема телекомуникациска компанија во Бугарија, која во 2017. година оствари приход од 455 милиони евра и добивка од 165 милиони.

Одлуката на Дојче Телеком за продажба на албанскиот огранок, како што пренесуваат регионалните портали е донесена по намалувањето на добивката поради малиот пазар и други проблеми врзани со бизнис климата во земјата, пренесува Танјуг.

Се додава дека постои ризик дека 400 вработени во компанијата ќе го изгубат работното место.

Според бугарски „Капитал“, Спас Русев, сопствениот на Виваком, најверојатно разгледува опција и за купување и на Македонски Телеком, чиј сопственик во моментот е Дојче Телеком.

Македонски Телеком работи во отежнати услови поради неповолната бизнис клима во Македонија, но и со намалена добивка во последните две години.

Дека Македонски телеком се соочува со проблеми говори и фактот што од компанијата во последните неколку месеци се отпуштаат вработени и им се нудат отпремнини за доброволно заминување од фирмата.

Претходно «
Следно »