„Македонско село“ стави клуч на врата: Ги открија причините за таквата одлука

  • October 18, 2018

Македонско село“ од денеска се затвора. Компанијата „Тинекс“, која беше првиот концесионер на комплексот од неговото отворање во 2016 година, вчера информираше дека нема економска исплатливост и дека комплексот во континуитет работел со загуби.

македонско село

„И покрај нашите напори, инвестиции и надеж за беспрекорно функционирање на комплексот ‘Македонско село’, кој е единствен од таков вид, и покрај нашата желба и вложувања како на големи финансиски средства, така и на човечки ресурси со цел економски рентабилно работење, по извршените анализи во текот на овие две години откога стопанисуваме и управуваме со наведениот комплекс, мора да констатираме дека комплексот работи исклучиво со загуба. Од таа причина, покрај сите вложени напори, како и по извршени дополнителни анализи, донесовме одлука да го раскинеме договорот за јавно-приватно партнерство“, информираа вчера од „Тинекс“.

Од компанијата велат дека договорот за јавно-приватно партнерство, кој беше склучен на 20 години, предвидувал можност да се раскине договорот на сопствено барање, кое ќе го достават во писмена форма до Владата.

За одлуката на „Тинекс“ вчера не беа информирани во Владата и во Службата за општи и заеднички работи, кои се втората страна во договорот за концесија.

„До нас нема ништо стигнато. Од медиумите слушнав дека концесионерот престанува со работа. Закажавме состанок за денеска по што ќе кажеме како ќе се постапи“, вели Пеце Мирчески, директор на Службата.

Во соопштение од Владата информираа дека не биле запознаени со намерата ниту со одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“, објектот да биде затворен и да престане да работи.

„Во договорот склучен меѓу СОЗР и концесионерот, претставуван од компаниите ‘Тинекс’ и хотелот ‘Квинс’, има член кој јасно определува дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку шест месеци однапред“, се вели во соопштението од Владата.

Македонско село

Комплексот „Македонско село“, лоциран во селото Горно Нерези, во близина на манастирот „Свети Пантелејмон“ беше отворен во јуни 2016 година. Изградбата почна во 2011 година, а чинеше 6,5 милиони евра. Прв концесионер беше „Тинекс“, кој се јави на вториот јавен повик за јавно-приватно партнерство и го доби за месечна кирија од 3.500 евра. Првиот повик го доби „Тренд“, но веднаш се откажа од концесијата. Етнокомплексот има 12.000 квадратни метри и е изграден во стилот на традиционалната македонска архитектура. Има 12 автентични куќи од различни краишта на Македонија со сместувачки капацитет за сто гости. Во состав на комплексот се хотел, ресторани и дополнителни содржини.

Извор: Независен.мк

Претходно «
Следно »