October 20, 2021, 11:16 pm

Медиумски магариња, тренирани на „Коњски скокови“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Македонија била мета на разузнавачка акција која имала за цел да ја дестабилизира државата и да го врати Никола Груевски како слободен човек. Истата акција на неимеуваната разузнавачка служба работела и на откривање на афери поврзани со власта со цел соборување на актуелната власт. Акцијата, замислете, ни помалку ни повеќе била наречена „Коњски Скок“.

Информациите за водење на некаква разузнавачка акција против власта во Македонија се појави на дел од медиумите со провладина уредувачка политика, повикувајќи се на анализа на словенечкиот институт за блискоисточни и балкански истражувања од Љубљана – Ифимес.

Што е ИФИМЕС?

Иако во својот назив се нарекува Институт, оваа организација нема никаква организациона ниту оперативна сличност со научно делување. ИФИМЕС функционира како квази-научна организација, составена од професори со минимален научен труд, и неколкумина екс-функционери од Југословенските влади. Дотолку повеќе што, од оваа фантомска организација неодамна се оградија Стипе Месиќ и Будимир Лончар кои беа дел од оваа квази-научна организација, каде за волја на вистината служеа само како лица за реклама.

Босанските и српските медиуми го прозиваат шефот на оваа фантомска организација, Зијад Беќировиќ, како мешетар кој добро заработува од објавување на т.н. анализи, кои по нарачка – и често добро платени, ги поткрепува со наводно научно истражување на институтот.

За подобро да разбереме за каков, т.н. институт се работи, доволно е да се погледнат имињата на главните ликови во раководството на оваа фантомска организација, како и кои се најва
ните членови на Советот на оваа т.н. органзација.

– Нивната задача е да фабрикуваат разни текстови со кои, или би требало да се дестабилизира политичката, безбедносната и економската ситуација на просторот на земјите на некогашната СФР Југославија, смета екс-пратеникот во Парламентот на Босна и Херцеговина Славко Јовчиќ.

Јовчиќ оди дотаму, опишувајќи ги „научниците“ во оваа организација како „болумента“, и „самопрогласени аналитичари и научници“.

– Вистината е дека, поголемиот број на членови се бивши пропаднати политичари, дипломати, дисиденти и џаболебари кои се трансформираа во самонаречени аналитичари за се и сешто, вели Јовчиќ.

Регионот за ИФИМЕС

Дигиталниот форензички центар од Црна Гора неодамна објави истражување во врска со оваа фантомска организација која своевремено работеше и како фактор на дестабилизација во земјата.

Според ДФЦ од Црна Гора, извештаите на ИФИМЕС се проследени со низа на недоследности во тврдењата, пристрасност при претставувањето на поединечни теми, редовно менување на ставовите во врска со конкретни настани, актери во кратки временски периоди. Оттука и заклучокот дека ИФИМЕС работи по нарачка.

Според Дигиталниот форензички центар од Црна Гора, т.н. анализи на ИФИМЕС се проследени со непримерен речник на авторите, непоткрепени тврдења, пропагандистички пристап и јасна тенденција на фаворизирање на политички актери, но и демонизирање на други.

Стипе Месиќ, бившиот Хрватски претседател и почесен претседател на ИФИМЕС и Будимир Лончар, бивш министер за надворешни работи на СР Југославија и претседател на Советодавниот одбор на ИФИМЕС недоамна, се дистанцираа од објавените анализи на тој „институт“ преку заедничко соопштение. Словенечките медиуми претходно во повеќе наврати пишуваа за афери врзани со финансирањето на Институтот и неговата работа.

Особено се издвојува случајот со општината Копар и шест нарачани анализи.

Помеѓу 2011. и 2016. година, кога најактуелен добитник на награди на ИФИМЕС беше Зоран Заев, оваа организација во Словенија беше скандализирана за договор склучен со општината Копар за изработка на шест анализи во вредност од 69.132 евра за можностите за економска соработка на земјите од Балканот и Блискиот исток, бегалци и албанските семејства во општината. Наместо детална анализа, во студиите објавени се општи информации за бараните теми. Деталната анализа на словенечкиот весник „Под Чрто“ покажа дека две од шесте анализи се плагирани во целост, а две содржат делови превземени од други извори.

Општина Копар тогаш платила и анализа за истражување на погребните обичаи на муслиманите, евреите и православните, иако во општина Копар има само пет погреби на лица од муслиманска вероисповед, и нема Евреи.

Кои се коњите во „Коњски скок“?

Во својата последна „анализа“, ИФИМЕС разоткрива наводна разузнавачка акција во Македонија под кодно име „Коњски скок“ повикувајќи се притоа на неименувани извори, непознати аналитичари, истражувања без методологија, тврдења без факти и примери без докази.

Така, во т.н. анализа се тврди дека Бугарија и Грција биле „уиграни“ во блокирањето на Македонија да стане членка на Европската Унија и дека ова што го правеле било претходно договорено – и секако, позади ова тврдење нема никаков доказ, но има обид да се добијат симпатиите на читателот од Македонија искористувајќи ги негативните чувства кон овие две земји да ја добијат неговата доверба, за веднаш потоа да биде сервирана т.н. информација за наводна разузнавачка акција.

Таканаречената анализа, на таканаречениот Институт тврди дека во Македонија е во тек разузнавачка акција под кодно име „Коњски Скок“, со која неименувана разузнавачка агенција имала за цел да ја дестабилизира земјава преку продуцирање на афери за Зоран Заев и неговата влада. Крајна цел на оваа акција била, според ИФИМЕС, обезвластување на власта на СДСМ и враќање на Груевски.

Звучи психоделично, нели?

– Аналитичарите предупредуваат на тајна разузнавачка операција, која во меѓународните кругови се нарекува „Коњски скок“ и која има за конечна цел враќање на Никола Груевски во Македонија и туркање на власта на постоечката политичка гарнитура. Поради тоа интензивно се работи на дестабилизација на државата со непрестајно продуцирање на бројни афери, се вели во т.н. анализа на ИФИМЕС.

И како што се вели во анализата на Дигиталниот форензички центар од Црна Гора, наместо докази, ИФИМЕС се повикува на општи флоскули – се вели дека „аналитичарите предупредувале“ но никаде не се наведени имињата на тие аналитичари. Ова е важно бидејќи идентитетот на аналитичарот најчесто и најдобро зборува за релевантноста на изнесената анализа.

Понатаму се продолжува со „анализирање“ на медиумската работа во земјава, за која се вели дека „секојденвно продуцира бројни афери“, ставајќи ги во контекст на вклученост во некаква разузнавачка акција критички настроените медиуми. Повторно, аналитичарот е непознат, а информацијата непоткрепена со докази.

Во ниту една земја, па ниту во Македонија медиумите не продуцираат афери – медиумите откриваат веќе направени (продуцирани) афери. А, во Македонија има доста.

– Разузнавачките служби детектираа и лоцираа повеќе од 160 медиумски портали кои продуцираат бројни (лажни) вести и афери, со цел намерно предизвикување на хаос и дискредитација, првенствено против премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се вели во т.н. анализа на ИФИМЕС.

Повторно, нема извор на информацијата, нема име на аналитичарот кој наводно анализирал, нема доказ, ниту релевантна потврда на ваквата информација.

Во Македонија постојат околу 220 портали, вкупно. Од оваа бројка најмалку 30 се спортски, најмалку 60 обработуваат магазинскит теми, десетина се занимаваат со здравство во смисла на традиционална медицина, и уште десетина кои се занимаваат со теми исклучиво од сферата на бизнисот. Информативни портали се не повеќе од 100, од кои најголем дел се клонови на поголемите про-владини медиуми.

Оттука, не е целосно јасно како ИФИМЕС стигнале до бројка од 160 „медиумски портали“ кои ширеле лажни вести, освен ако не мислат на клоновите на провладините медиуми.

Секако, жртва на оваа наводна разузнавачко-медиумска операција е Зоран Заев и Оливер Спасовски. Двајцата маченици кои ревносно се борат за нашата земја. Ако хероите се овие двајца, според ИФИМЕС, секако мора да има и негативци, па како доследни гебелсови следбеници овој фантомски институт на читателот му портретира неколкумина – Никола Груевски, Орце Камчев, Сашо Мијалков и Вилма Русковска.

Мијалков добил „преблага казна“

Верувам дека секој сладокусец на добра белетристика би го отфрлил ова писание на т.н. институт како невкусна шега или ефтин обид во научна фантастика, но очигледно во Македонија постојат и такви кои се подготвени да платат сериозна сума за ваква „анализа“.

А, нарачателите не е тешко да ги претпоставите.

Така, во еден дел од т.н анализа се забележува јасно портретирање на „хероите“ кои треба да ги хвалоспеваме во Македонија – Заев и Спасовски, и „непријателите“ – Груевски, Камчев, Мијалков. Има и една подкатегорија, „неутрални негативци“ портретирани во ликот на Вилма Русковска.

– Меѓународниот институт ИФИМЕС воведе мониторинг над случаевите на Сашо Мијалков и Орце Камчев и веќе утврди, дека јавната обвинителка за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска имала неовластени контакти со Мијалков и Кмачев, но за тие контакти се дознало и сепак на крајот Русковска морала да побара притвор за Мијалков и Камчев. Изречената казна за Мијалков од 12 години, според оценката на правните експерти е преблага, се вели во „анализата“ на ИФИМЕС.

Повторно, неименувани „експерти“, мистериозни аналитичари и тврдења без докази. Дека се работи за неписмена нарачка говорат и очигледности. Таков е примерот со тврдењето дека Русковска морала да даде „притвор“ за Мијалков и за Камчев – глупост за која секој просечно упатен во случаите ќе ви каже дека Русковска не беше надлежен обвинител ниту кај Камчев ниту кај Мијалков. Добро упатените пак ќе ви кажат дека обвинителот може да побара, но судот може и да не одобри притвор. Оттука, јасно станува дека т.н. правни експерти на ИФИМЕС всушност не се експерти туку импровизатори без елементарно познавање на состојбите.

Неписменоста во „анализата“ е забележлива и по оценката дека „казната за Мијалков е преблага“. Имено, екс-директорот на УБК во двете завршени рочишта доби максимални казни затвор, а запретена му е уште една казна во случајот „Тортура“ во висина од 10 години. Построго од ова би било само Русковска да побара јавно да биде обесен на плоштад.

Нарачателот на текстот ја „опоменува“ и Русковска, за која пак до неодамна имаше гласини дека не е во најдобри односи со Зоран Заев и неговата владејчка клика. Секако, по оваа „анализа“ на ИФИМЕС, односите се корегирани и овие гласини веќе се минато.

Кој и да е нарачетелот на оваа „анализа“, а најчесто тоа се заклучува по тоа кој е „херој“ во анализата, е дунстер за право, гледа многу акциони филмови, и има многу пари.

Но, не ми е јасно само кој беше коњот во „Коњскиот скок“ на ИФИМЕС – уредникот што ја превземал оваа анализа и ја објавил како релевантна, или новинарот што прифатил да се потпише?

А.Митовски

1 коментар

Latest News

Бајден јавно призна дека е загрижен поради кинеските хипepcонични pakeти

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави денеска дека е загрижен за кинеските хиперсонични ракети, неколку дена откако медиумите објавија дека...

More Articles Like This