МИЗЕРИЈА: Оштетени новите лифтови во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“

  • September 30, 2016
  • Коментари

Само еден месец траеше радоста за новите лифтови што беа поставени во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.

liftovi-studenstki-ostetuvanje1

Пред само еден месец Владата на Република Македонија преку Министерството за образование и наука инвестира 15 милиони денари во замена на старите и дотраени лифтови во сите државни студентски домови, при што станарите добија нов и безбеден превоз по катовите во овие објекти. Но, не добија и домашно воспитување околу тоа како треба да се однесуваат кон инвентарот во студентските домови.

Денес до редакцијата на Телеграф.мк била доставена фотографија на која се гледа оштетен лифт, за кој читателот тврди дека е внатрешна страна на врата од еден од новоинсталираните лифтови во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.

liftovi-studenstki-ostetuvanje

Од редакцијата контактирале со директорката на Државниот студентски дом – Скопје, Даниела Темелкова, под чија надлежност се и студентските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“, која само ја потврди информацијата. Таа за порталот вели дека не е првпат да се уништуваат лифтовите, инвентарот и просториите во домовите. Слична ситуација имало и во „Гоце Делчев“, каде што минатата година веднаш по пуштањето во употреба на реконструираниот и целосно опремен блок Б била искршена внатрешната безбедносна лизгачка врата на лифтот.

– Оштетен е внатрешниот дел од лифтот, целиот е исчкртан со графити – потврди Темелкова за Телеграф.

Оштетувањето на инвентарот, евидентирано и од безбедносните камери, било причина годинава двајца студенти да бидат исклучени од најголемиот студентски дом во државата. Казнети се и група студенти што не ја почитувале забраната за пушење во објектот, во кој се инсталирани сензори за детекција на чад.

Овие чести ситуации само потврдуваат дека совеста кај дел од идните академски граѓани, за жал, не е на нивото на образование кое се стремат да го освојат.

Претходно «
Следно »