May 16, 2021, 10:14 am

Министерот нема власт над уметниците

Поврзано

- Advertisement -

На власта ѝ годи необразован народ, зашто со него лесно се владее. И затоа прави комплетна деструкција во образовниот систем. И затоа го остварува ова историско злосторство.

Ако појдовниот став е Сартровото определение на човекот како осуден да постои во еден апсурден свет, но едновремено осуден да биде слободен; ако интелектуалецот е опозиција во вечноста, а уметникот – творец на извонреден облик на нова конституција на светот како акт на слободата; ако се земат на ум актуелните собитија, низ нужно дедуктивно логичко заклучување се изведува конклузијата – Интелектуаците и уметниците ќе го изменат светот! Со други зборови кажано, ќе ја урнат власта во Македонија.

Поставувајќи ги премисите од кои ги извлекувам импликациите, се наметнуваат идеите за слободата. Мислата „Човекот се раѓа слободен, а насекаде е во окови“ (Русо) и мислата на Роза Луксембург „Оние кои не мрдаат, не ги забележуваат своите окови“, па сè до револуционерната максима која му се припишува на Делчев „Робот треба првин во себе да се ослободи“, се одекнувања на слободата, изрази на непомирливоста со неправедноста, страствено изложување на основите на неморалноста и нејзино категоричко отфрлање.

Тука-битието, Сартровски е онтолошки негативно определена појавност, песимистички, безнадежно, тегобно. Сообразните средства за опишување на така поставениот свет се груби, вулгарни и произлегуваат од самата негова суштина, та неизбежно е чувството блиско до гадење за кое зборува Франсоа Жансон. Владеат неспособните, инфериорните, неталентираните, необразованите, неписмените, неморалните. Во голема мера го цитирам Сен Симон во набројувањето. А, толпата, нема проблем да биде владеана од таква маса бездарници. За неа зборуваше Ксенофан Елеецот уште во VI век п.н.е. Тој го напушти својот град разочаран од луѓето кои не умееја да го бараат најдоброто во добрите и убавите нешта. Кои западнаа во тиранија неможејќи да ѝ се спротивстават. За нив сосем е природно владетелот да биде неограничен господар. Сѐ што посакуваат тие е слично на животните, не копнеат да се ослободат од тиранијата, туку да паднат во рацете на добар тиранин, кој ќе ги рани, пои и нема да ги тепа.

„Колофон го напуштив затоа што себеси се гледав како човек и сакав да живеам меѓу луѓето, а не со говеда и коњи”, кажа Ксенофан, а зборовите одекнуваат во современоста. Мнозина денес живеат како неговите сограѓани. И не ги разбираат идеите на славниот Солон за општество засновано на закони кои ќе се почитуваат и во кое нема да има потреба од власт, ниту ги познаваат идеите за бескласното општество. За нив не е проблем некој да владее со нив. Напротив, со радост одат да си го бираат својот владетел, дури и ќе се испотепаат кој да ги владее. Философите сонувачи, философите револуционери копнееја за систем без власт над луѓето, за општество во кое основна вредност ќе биде праведноста, а човекот, достоинствено, разумно, самосвесно и слободно суштество. Прудон објави „Кој над мене става рака за да ме владее, тој е узурпатор и тиранин. Го прогласувам за мој непријател!“. За Кропоткин секоја привилегирана личност е умно пореметена и психички изопачена. А, ние, опкружени сме со властољубиви луѓе.

Се разбира, власта сака да ги прикрие овие идеи, затоа што тие ја укинуваат и негираат самата власт. И затоа власта не создава образовани, самосвесни, креативни и критички индивидуи, затоа не дозволува да се учи философија, затоа ги „спалува“ книгите, затоа не дозволува уметност. На власта ѝ годи необразован народ, зашто со него лесно се владее. И затоа прави комплетна деструкција во образовниот систем. И затоа го остварува ова историско злосторство.
Во услови на целосна апсурдност во општеството, во кое дијалозите се одвиваат небаре извадени од „Ќелавата пеачка“ на Ежен Јонеско, со давење во блуд, криминал и безредие, со деградиран, понижен, обезвреднет народ, повикани се интелектуалците, кои нема да бидат предавници како оние на Жилиен Бенда, туку вистински Сартрови апологети на вистината.

Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“, единствено во Македонија, основано со Акт на АСНОМ од 1945г. и правен наследник на Средната уметничка школа, основана со решение на Президиумот на АСНОМ 1944г. е училиште со исклучителна традицијата. Го носи името на доајенот на македонското сликарство Лазар Личеноски, а во него работеле и учеле најзначајните имиња на македонската ликовна уметност. Во него, се случува манифестација на сите облици на тоталитарно владеење, симболичка актуализација на идејата за библиското чудовиште Левијатан кое ги јаде своите луѓе. Поставен е директор спротивно на волјата на вработените, кој вотеловува неетички, но тоталитарни и диктаторски принципи. Во училиштето се кршат законите со поддршка на власта. Министерката Мила Царовска ја игнорира волјата на професорите, а во Државниот просветен инспекторат, не дозволуваат ниту доставување на критиките и жалбите. Директорот ги користи сите форми на наметнување моќ и репресија. Но, истовемено, се случува Фукоовски отпор на индивидуите против облиците на доминација и супремација и на ограничувањето на просторите на слобода и отпор. „Кога слободата еднаш ќе се појави во човековата душа, боговите веќе не можат ништо против тој човек“.

Во ова училиште на слободни професори, одекна мислата Minister non supra artifices – Министерот нема власт над уметниците! Самата мисла е латинска парафраза на изреката Caesar non supra grammaticos, мисла која му се припишува во една варијанта на Марко Помпониј Марсел која му ја искажал на царот Тибериј кога овој сакал да употреби нелатински збор. А, втората варијанта, се однесува на црковниот собор во Констанца кога царот Сигисмунд, грчкиот збор схизма го употребил во погрешен род и настојувал тоа да се прифати како правило само затоа што тоа е негова волја. Повикувајќи се на оваа мисла и поставувајќи ја нејзината парафраза, јасно се покажува ограничувањето на власта и моќта на министерот за образование. Наспроти манифестација на централизирана форма на моќ, индиферентност кон зналците на философијата, науките и уметностите, незнаење во доменот на образованието и воспитанието, и непоседување естетички критериуми и високи етички начела, министерката Царовска би требало да го надмине дрското и непристојно своеволие, некритичкото прифаќање на вредностите на „западниот прогресивен свет“ кој почива на нефилософичните учења на прагматизмот и утилитаризмот, поставувајќи аксиолошки нихилизам кој води кон целосна деструкција со дефетистички перспективи. Би требало да ги слуша компетентните и да овозможи реализација на нивните заложби. Во спротивно, би требало да замине!

Во својот дискурс на владеење, заснован на елементарни незнаења, со истоветни тези кои се повторуваат, а всушност претставуваат кршење на логичките начела на правилно мислење, министерката Царовска ја брани реформата во образованието. Замена на тезата, несообразност на аргуметите со тезата, непостоењето логичко следство, се сериозни логички грешки во аргументирањето. Министерката нè убедува дека мора веднаш да се направат реформи бидејќи доцниме со реформите. Фактот дека постојат слабости во образовниот систем, не имплицира брзоплето донесување на реформи. Бидејќи доцниме, не треба, набрзина да ги донесеме. Сознанието дека учениците сè помалку читаат, не имплицира укинување на книгите. Патем, доколку министерката знаеше логика, ќе ѝ беше јасно дека поимот учебник е видов поим на родовиот поим книга и не ќе си дозволеше да ја застапува бесмислената теза – Ние не укинуваме книги туку учебници. Незаинтересираноста на учениците, не значи здодевност на наставниците и на самите науки. Ниското ниво на знаења на учениците, нивната незаинтересираност, резигнираност, безживотност, апатичност, не би требало да упатува на спуштање на теориското ниво на часовите, ниту индиферентноста на учениците треба да се надминува со бесмислени, необразовни, циркуски методи на забава. Во училиштата треба да се образува интелектуалниот ум кој ќе се фасцинира од интелегибилната, логосна основа на стварноста. Учениците треба да се издигнат на повисоко познавателно, естетско и етичко ниво. Слабостите кои се согледуваат во одреден образовен систем, не нужно значат негово негирање и укинување, туку можност за надминување на недостатоците внатре системот. За мене не е неприфатлив ни предложениот нов модел кој поставува холистички, мултидисциплинарен пристап кон феномените, бидејќи во суштина го претставува првичниот философски светоглед кој интендира кон растајнување на стварноста во нејзината полнота, наспроти вештачкото парцијализирање на стварноста низ одделните науки. Според мене, двата образовни модела би можело да бидат релевантни и ефикасни, но единствено ако се квалитетно концепирани. А, за да бидат такви, услов е, во изготвувањето на моделот да бидат вклучени најголемите зналци во своите области. А, изработката да биде аналитички и студиозен процес.

Сартр возгласи: „Пеколот, тоа се другите“. Вистинскиот пекол за Сартр е обична празна, затворена просторија. Во која се чека долго, во која никој не мачи, ги нема котлите и казаните, насекаде тишина. Само тројца луѓе кои почнуваат да разговараат меѓу себе. И пеколот започнува! И ние живееме во таква реалност. И тоа е нашата тага. Тоа е изворот на нашите страдања. Луѓето не ја разбираат антитезата на Сартр и не согледуваат дека „Рајот-тоа се другите“. Непознато им е христијанското определение на пеколот како неможност да се види лицето на другиот, согледано низ житието на св. Макариј Египетски. Ако го сфатеа, ќе се радуваа на „допирот на голата душа со гола душа“ и ќе го прегрнеа ближниот.

(Авторот е професор по философија, логика и етика во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ и во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“)

Latest News

Израел ja бomбapдиpaшe кyќaтa нa глaвниoт лидep нa Хaмac вo Гaзa

Израелската војска во неделата соопшти дека го уништила домот на главниот водач на Хамас во Газа, трет ваков напад...

More Articles Like This