МИЦКОСКИ: Жена ќе биде претседател, победуваме на 21 април, а потоа и на 5 мај

  • April 15, 2019

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на митинг се обрати пред граѓаните во Велес. Тој од Велес истакна дека професорката Гордана Силјановска Давкова ќе биде идниот претседател на Република Македонија.

Некако во последно време, тоа што сакам да го соопштам како прва убава вест доаѓа пред време онаму каде што јас доаѓам. Но, разбирливо е бидејќи тоа се слуша насекаде во сите градови во сите села, се зборува на собирите низ булеварите, во домовите на нашите сограѓани, а тоа е дека жена ќе биде претседател на Републиката. Така што добри луѓе, браќа и сестри победуваме на 21 април, а потоа и на 5 мај, вели тој.

Мицкоски потенцираше дека Заев нема право да говори за чест и достоинство, за идентитет, а притоа и дека нема никаква доблест да им се извини на граѓаните за сите оние неправди, понижувања и омаловажувања кои што им ги приреди на народот изминатите две години откако седна во премиерската фотеља.

Денеска целокупната македонска јавност беше сведок на она фијаско кое се случуваше во Скопје, а требаше да биде митинг за поддршка на Пендаровски Стево. На тој митинг, на тој собир на наши сограѓани кои што дошле таму да му дадат поддршка на Пендаровски Стево го слушнавме Заев Зоран како мене ме критикува и како вели дека тој не само што го забетонирал идентитетот туку претпоставувам во меѓувреме се консултирал и со неговиот брат околу градежништвото, па додал и малце арматура во бетонот. Па толку бил цврст тој бетонот што не можело да биде поцврсто. Еве овде од Велес ќе се обидам да му одговорам на Заев Зоран, за неговиот идентитет и црвстината на бетонот. Не така одамна на платото пред институцијата која што треба да го симболизира токму тој идентитет, Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со неговиот нов пријател се срамеа да слушаат дека денес над Македонија се раѓа и дека Македонците се борат за своите правдини. Се срамеа да ја постројат македонската гарда и да го постројат, оркестарот на Армијата на Република Македонија кои што требаше да ја интонира македонската химна. А за селфи се разбира секогаш има.

Таму господине Заев вашиот идентитет кој што го зачленивте дополнително и со арматура во него, се урна како кула од карти, се урна како стиропор. Вие не само што немате право да говорите за чест и достоинство, за идентитет туку немате ниту никаква доблест да излезете пред граѓаните и да им се извините за сите оние неправди и понижувања и омаловажувања кои што ги направивте овие две години, вели Мицкоски.

Мицкоски при посетата во Велес потсети и на телевизиската дебата на која што Зоран Заев не смееше, се плашеше да каже дека во Северна Грција живеат Македонци кои говорат на македонски јазик.

Не така одамна исто така се гледавме на една телевизиска дебата кога зборувавме и кога го прашав. Каков е јазикот на кои што зборуваат жителите на Северна Грција, а е различен од грчкиот. Се препелкаше се потеше, се вртеше те лево те десно и вели тоа е внатрешен проблем на Грција, ти вели сакаш да ме скараш со Грција.

Премиерот на Македонија се срами, се плаши да каже дека во Северна Грција живеат Македонци кои што зборуваат на македонски јазик, пеат македонски песни и играат и се веселат со македонски ора. Е таков е тој зачуван идентитет како бетон зачинет и со дополнителна арматура. Не само што не успеа со неговиот капитулантски договор успеа да нанесе дополнителна штета за македонската држава и за македонската нација. И треба добро да слуша и да научи дека за тоа овој народ не му даде мандат, ниту на изборите во 2016-та кои што ги загуби, ниту пак на референдумот на 30-ти септември. Овој народ не му даде мандат за да може да седи фино залегнат во тие фотељи и да работи само за пусти пари, додаде тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека доаѓа време кога во Македонија законите ќе важат за сите престапници кои се огрешиле пред нив, кои сториле криминал и од прв до последен има да одговараат пред тие закони. Во Европа не може да се оди со полни вреќи украдени пари, забележа тој.

Не можеме ние да одиме во Европа по принципот на политички прогон, нарачани обвиненија, диригирани судски пресуди со политички неистомисленици. Не можеме ние да чекориме и одиме во Европа ако се закануваме дека живи луѓе ќе јадеме. Тоа го гледаат тие во Европа и тие такви луѓе не сакаат таму. Таму треба вистински луѓе кои што знаат да спроведат структурни реформи, луѓе кои што знаат да направат богата држава и среќни граѓани. Во Европа се оди си исправена кичма, а не со подвиткана кичма, недостоинствени, омаловажени и пониќени. Тоа го гледаат тие луѓе таму и со насмевка и со шега говорат за нашата татковина за жал денеска. Затоа што имаме таков човек кој што ја претставува Македонија во Европа кој што за жал денеска е премиер, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски посочи дека луѓето од власта имаат проблем со самите себе, а граѓаните имаат проблем со нив, проблем кој граѓаните заедно со коалицијата За подобра Македонија ќе го решат на 21 април и потоа на 5 мај.

ВМРО-ДПМНЕ работеше многу во минатото, понекогаш можеби и погрешивме за нешто. Еве јас сум тука сите тие грешки да ги прифатам на себе и да побарам прошка. Но направивме многу добри работи. Истите тие добри работи, нудиме политика да ги прошириме и надградиме, а да понудиме решенија за грешките од минатото. Ајде граѓани на Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци сите да се обединиме за нашата татковина, Република Македонија. Да се обединиме околу идниот претседател Гордана Сиљановска Давкова, додаде Мицкоски.

Но мораме да продолжиме да се бориме за сонот за Македонија. А колку е сонот поголем толку и предизвиците и искушенијата се поголеми. Затоа мораме да продолжиме да се бориме заедно сите, за да победиме. Тој што се бори тој победува, ајде браќа и сестри, добри луѓе, да го сонуваме заедно сонот за Македонија, да победиме. Не победуваат ниту помоќните, ниту побројните, победуваат мотивираните и храбрите. Денеска во непокорен Велес, во победнички Велес, во инспиративен Велес јас гледам такви луѓе, храбри и мотивирани, заврши Мицкоски.

Претходно «
Следно »