МОМИРОВСКИ СО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ПОЛИТИЧАРИТЕ: Отворено писмо на новинарот до полицисиот инспектор кој го повика на распит

  • August 10, 2019

Пред две недели новинарите Горан Момировски и Љупчо Златев беа повикани на распит во полициската станица на СВР Скопје во секторот за економски криминал, во истрага за објавувањето на снимките на кои се слуша гласот на генералниот секретар на Владата на Р.Македонија како договара „процент“ за тендерска набавка на радар за скопскиот аеродром од италијанската компанија „Леонардо“

 

Горан Момировски, еден од повиканите на распит, денес испрати отворено писмо до инспекторот. Писмото го пренесуваме во целост.

„Почитуван инспекторе,

Ви го пишувам ова писмо со надеж дека сте добри и дека го спроверувате владеењето на правото согласно уставот и законите.
Писмово следува откако предходно напишав друго долго писмо согласно телефонскиот разговор од минатата недела во кој се договоривме да ви испратам барање за формални информации во врска со предметот во кој засега сум “повикано лице” со можност да станам обвинет.

Предмет за кој не добив формално објаснување за што се малтретирам по полициски испостави.

Откако внимателно го напишав предходното писмо во кое сакав да ви побарам информации за грешките во процедурите, постапките, наредбите и другите процесни чекори преземени во истрагата на МВР а за која е барана писмена наредба од ОЈО во која ме инволвиравте, решив да го избришам тоа писмо и да ви го испратам ова писание.

Откако ги слушнав аудио материјалите за Бокачо Тредичи, Камчичи и Обвинителичи решив да ве оставам да си ја терате работата како што планирате и што е можно побрзо Обвинителството да ги прифати идеите за гонење новинари дадени од луѓето кои стојат зад хајката против тие што информирале за можна корупција вредна 7 милиони евра.

Искрено по сите работи што ги чувме од Ла Верита едвај чекам да се соочам со обвинителите кои на иницијатива на МВР треба да истражуваат како сум објавил материјал во кој генералниот секретар на Владата Драги Рашковски разговара за спорен тендер на АД МНАВ.

Едвај чекам некој обвинител на барање на МВР или на некој друг “од горе” да ме распрашува за криминалот во највисоки владини кругови.

Пријателски советувам да ги предупредите дека се работи за човек со речиси 30 годишно искуство кој минал многу ситуации со претседатели, премиери, министри, судии, обвинители, полицајци и криминалци.

Најголем дел од нив веќе не се актуелни, дел наскоро ќе заминат на одмор.

Слободно кажете им и дека со закани за затвор од 1 до 10 години ме испрашувале 5 офицери на грчката Тајна служба за безбедност во подрумот на Леринската полициска станица и дека ќе треба добро да се подготват за да не биде смешна целата ситуација.

Кажете им дека ќе имаат олеснителна околност.

Адвокат нема да носам со мене. Во просторијата ќе бидеме само обвинителите, јас и јавниот интерес.

За вашиот досегашен коректен и професионален однос јавно објавив и предходно.

Ви посакувам да бидете успешни и истрајни во вашата работа и битка со политичарите кои ве ставаат во нелагодна ситуација поради нивното непочитување на јавниот интерес и поради нахалните и мизерни обиди да се заплашат новинари.

Се надевам дека сте им укажале по мојот распит во МВР дека многу грешат, ниту можат некого да уплашат ниту пак ќе остане тајна обидот да ги злоупотебат механизмите на власта и полицијата за да спасат криминалци со вонредни правни и полициски методи.

Останете со здравје и борете се за законот, Македонија останува на вас, професионалците што не припаѓаат на ниедна партија а кои се постојано меѓу наковалната и чеканот.

Со почит,
Горан Момироски
Во својство на повикано лице“

Претходно «
Следно »