НАЈЧЕВСКА ПОВИКА ДА СЕ КАЗНИ АСАНИ: Има ли прикривање на напад врз службено лице и жена?

  • March 2, 2018

За било каков напад на полиција се легнува на земја, му се ставаат лисици на раце и се спроведува во полициска на распит, а не се води пријатрелски разговор, на социјалната мрежа Фејсбук напиша професорката Мирјана Најчевска.

„Секој напад на полицаец мора да биде строго казнет, а напад на жена полицаец уште построго. Така се бориш со мафија, и така воспсоставуваш почитување на полицијата од страна на секој граѓанин. Замислете кое насилство е во состојба да го примени ова човече врз обичните граѓани и колку незаштитени се тие кога ни самата полиција не може да си се заштити. И замислете каков е односот на ова човече кон жените и во каква положба се наоѓаат тие кога ни жена полицаец не е заштитена. Секојдневно слушам за случаи на насилство од страна на високи партиски кадри и државни функционери на ДУИ, и посебно за сексуално обоено насилсво, и никој не се осмелува да им се спротистави. Сега знам и зошто. Па тие и полицијата ја тепаат, а камоли некој обичен граѓанин“ напиша Најчевска.


Реагираше и Жарко Трајковски кој го повика Јавниот обвинител да истражи дали има прикривање на делото напад врз службено лице.

„Јавниот обвинител е на потег да утврди дали имало прикривање на физичко насилство врз жена – полицајка!

Вчера МВР објави вакво соопштение: „Денеска (01.03.) околу 10 часот на крстосниците на булевар “Гоце Делчев” и улица “Филип Втори” во Скопје, при подигање на патничко моторно возило “Ланд ровер” со скопски регистарски ознаки со специјално возило “пајак”, од страна на Б.А. вербално е нападната полициска службеничка, која била на местото на настанот. Бидејќи Б.А. агресивно се однесувал кон полициската службеничка, биле повикани и други полициски службеници на местото на настанот. Со Б.А. е извршен разговор во ПС Бит Пазар и изготвен записник за констатиран прекршок по чл. 13 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.“
Чл. 13 се однесува и на омаловажување или навредување на полициски службеник и глобата за овој прекршок е 600 до 900 евра.
Но, вчера во медиумите беше објавена информација дека полициската службеничка била примена во здравствена установа каде што и била извршена интервенција за лесна телесна повреда.
Ако имало телесна повреда, тогаш постои основано сомневање во јавноста дека немало само „вербален напад“, туку и физички напад врз полициска службеничка од страна на политички функционер.
Исто така, има основано сомневање дека политичкиот функционер или негови колеги извршиле незаконско влијание за да се попречи истрагата, односно има индиции дека се сторени кривични дела „Непријавување кривично дело или сторител“, „Помагање на сторител во извршено кривично дело“, „Незаконито влијание врз сведоци“, а во врска со можни кривични дела „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ или „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ (за кои е предвидена казна затвор од 6 месеци до 5 години).
Накусо, по допрен глас од страна на медиумската јавност Јавниот обвинител има право да покрене истрага со која ќе се расчистат дилемите во врска со овој случај.
Истото може да го стори и одделот за внатрешна контрола на МВР!
Се надевам дека и македонското женско лоби ќе побара расчистување на случајот затоа што има сериозни сомнежи дека се прикрива физичко насилство врз жена!
И полицајките се жени, нели?“ – напиша Трајковски.

Претходно «
Следно »