За кого се скроени новите цени за продажба на државно градежно земјиште од 5 и 6 реон за само 70 денари во непосредна спогодба? Кој треба да се офајди од оваа уредба на владата? Дали бизнис моќници блиски до власта треба да добијат градежно земјиште за џабе?

Ова се прашањата кои се наметнаа во јавноста откако владата ја донесе измената на Уредбата за висините на цените на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, со што цените за кое може да се отуѓува државното земјиште во четири очи за метар квадратен се сведува на 70 денари, наместо досегашните ‎1600 – 400 денари.

Реон 5 и 6 ги опфаќа општините како Чешиново Облешево, Зрновци, Крушево, Берово, Пехчево и други помали општини. Според неофицијални извори дознаваме дека всушност намалувањето се врши за луѓе блиски до СДСМ и луѓе кои во изминатиов период одработиле во кампањата на партијата, како одредени реформатори кои имаат приватни бизнис во опфатените општини.

Владата со овој чекор практично се однесува со државното градежно земјиште како со своја приватна своина користејќи го за подмирување на изборните долгови.

Сигурно е дека добивка од ваквиот чекор на властите нема да имаат граѓаните, туку неколку бизнис моќници. Според официјалниот став на владата ова земјиште ќе може да се користи за изградба објекти за групно домување, со социјална компонента како што се домови за пензионери, градинки, ученички и студентски домови и слично.

Со предложените измени се врши намалување на висината на цената по кои се отуѓува градежното земјиште сопственост на Република Македонија со непосредна спогодба за А3 – групно домување за реон 5 и реон 6, и истата ќе изнесува 70 денари, за разлика од досегашните цени, кои за овие реони изнесуваа од 1.600 до 400 денари за населено и воннаселено место, во различни општини“, соопшти Владата тогаш.