НЕКСТ ТАЈМ ВЕЧЕРВА СО ПРОМОЦИЈА НА УШТЕ ЕДНО МАКЕДОНСКО РЕМЕК ДЕЛО: Нов видеозапис, за уште една македонска народна песна ’Нешто ќе те питам бабо’

  • March 25, 2019

„Некст тајм“ ја закажаа промоцијата на новиот проект

„Некст тајм“ ја најавија промоцијата на својот следен проект што ќе ги наследи ремек-делата „Ја излези Ѓурѓо“ и „Слушам кај шумат шумите“, за кои добија само пофалби од македонската, но и од регионалната публика. Овој пат станува збор за темата „Нешто ќе те питам бабо“, зад која повторно застанува истиот тим, односно за аранжманот се погрижи маестралниот Никола Мицевски, а за екранизацијата режисерот Огнен Шапковски.

„Со гордост ви најавуваме промоција за нов видеозапис, за уште една македонска народна песна ’Нешто ќе те питам бабо’. Веруваме дека и по третпат ќе ве направиме горди и ќе ја зачуваме македонската песна заедно“, порачаа браќата Мартин и Стефан Филиповски најавувајќи ја промоцијата што ќе се одржи в понеделник, 25 март 2019 г., во Драмскиот театар во Скопје со почеток од 20.00 часот.

Влезот е слободен за сите љубители и поддржувачи на македонската музика и на „Некст тајм“.

Освен што ќе го промовираат својот нов проект, момците викендов ќе настапат и како специјални гости на големиот концерт на Лозано, кој ќе се одржи на 23 март (сабота) во арената „Борис Трајковски“. Како што информираат од „Авалон“, концертот е речиси распродаден и останати се уште многу малку влезници, а истите можете да ги набавите преку avalon.mk.

Додека ја очекуваме верзијата на „Некст тајм“, во продолжение слушнете ја народната изведба „Нешто ќе те питам бабо“ :

Претходно «
Следно »