Нема напредок на координацијата во Собранието

  • March 22, 2017

Нема напредок на денешната координативна средба на претставниците на парламентарните групи во македонското Собрание на која требаше да се утврди предлог за претседател на Комисијата за прашања на избори и именувања.  Продолжението на координацијата која се одржува зад затворена врата, според информации од собраниските служби, е најавено за 15:30 часот.

Zgrada-na-Sobranieto

На вчерашната координација претставниците на парламентарните групи го договорија бројот на членовите со кои ќе бидат застапени во Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Согласно договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата, СДСМ пет, а ДУИ и Беса да бидат застапени со по еден чен.

Утврдување на предлогот за составот на Комисијата  за прашања на изборите и именувањата е предуслов за закажување продолжение на Конститутивната собраниска седница.

Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на конститутивната седница на Парламентот на предлог на најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. Оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник.

Конститутивната седница на Собранието почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.

Претходно «
Следно »