НЕ ГИ ПЛАЌАЈТЕ ЗАСТАРЕНИТЕ СМЕТКИ: Компаниите вршат незаконската наплата на застарените сметки

  • November 2, 2016

Во последниве неколку години сведоци сме на побарувања од компаниите кои вршат јавни овластувања за наплата на сметки за т.н. повремени побарувања (струја, вода, парно) стари и по 5, 10, па дури постари и од 20 години.

timthumb

Впечатливоста е во тоа што за ваквите побарувања граѓаните дознаваат откако ќе им биде блокирана сметката од страна на извршител, или откако ќе им биде испорачана самата тужба.

Доколку граѓанинот доброволно плати ваква сметка, тоа е негово право и негов избор и тука не би имало ништо спорно.

Спорен е моментот на водење постапки од страна на самите судови.

Имено, не постои законски текст кој ги обврзува граѓаните дека ваквите сметки треба да ги чуваат неограничено.

Со други зборови, граѓанинот би можел да докаже дека не должи било каква сума на овие институции само во услови ако достави платена сметка од тој период. Но, кој ги чува сметките од тој период? Тоа претставува класично кршење на правата на човекот и граѓанинот наспроти институциите кои вршат јавни овластувања, а таквото нешто, во едно современо општество, со стабилен судски систем е недозволено.

Еден од параметрите на третата власт – судската власт, а кој треба да претставува прерогатив во гарантирање и заштита на човековите права, претставуваат правилата на судската постапка, па правилата мора да се однесуваат не само за граѓаните, правилата мора да се однесуваат и за оној кој ги спроведува законите.

Во тој смисол, прецизноста на правилата на судската постапка, претставуваат основен предуслов за правилна и правична примена на правото и правдата.

Едно од тие правила на судската постапка, претставува институтот „Застареност“.

„Застареноста“ претставува инструмент пред чие настапување можат и смеат да се превземаат дејствија за остварување на одредени права или за наметнување одредени обврски. Во спротивно, односно превземањето на дејствија за остварување на одредени права или за наметнување одредени обврски после законски предвидениот рок за тоа, претставува недозволено дејствие и губење на правата за превземање на таквите дејствија.

Небулозата на овие постапки е во законскиот основ кој дава право на институцијата да ги бара ваквите побарувања во рок од една година од денот на нивното настанување.

Со други зборови, ваквите побарувања застаруваат за една година и по овој рок институцијата го губи правото да го побарува она што смета дека не и е наплатено.

Во такви услови, зачудува фактот на постапување на судовите по вакви предмети, во кои се побаруваат сметки од пред 5, 10, пред 20, па и пред повеќе од 20 години, во кои периоди граѓаните основано не ги чуваат ваквите фактури, а им се дозволува на компаниите да ги печатат истите од нивните компјутерски системи, со што се прекршува едно од основните параметри на судската постапка т.н. „Еднаквост на оружјата“.

Оправдувањето се дава во образложението дека тужбата била поднесена на време.

Се поставува прашање, доколку тужбата била поднесена на време, од кои причини се чекале 5, 10, 20, па и повеќе од 20 години за да тужбата се достави до граѓанинот-странка во спорот.

Во такви услови, судот е тој што не смее да ги дозволи ваквите постапки, од причина што една од обврските на судот при спроведување на правдата е да ги штитат основните слободи и права на граѓанинот.

Паралела на ваквото недозволено постапување на судот, претставува неодамнешната постапка (од пред околу 3 год), кога се спроведе постапка против судии и помошен персонал во судот за прекршоци во Скопје (прекршочното одделение на Основниот суд Скопје 1), заради чување на предмети по неколку години, со образложение, меѓу другото, дека со тоа се нанело штета на буџетот на РМ.

Сега, во истата ситуација, но во услови кога буџетот на РМ не е оштетен, наеднаш ваквото постапување е дозволено, заборавајки дека со таквото постапување сега се прави штета на сопствените граѓани.

Заради тоа, повикувајте се на институтот „застареност“, барајте ги оригиналите фактури, како и редица други моменти кои му стојат на законско располагање на граѓанинот во остварување на своите права, но истовремено, објавувајте ги ваквите пресуди, тие се јавни и никој не може да забрани истите да бидат објавени, се со единствена цел, да не се дозволи понатамошно изигрување на прописите… на штета на граѓанинот.

Превземено од А1 он. мк

Претходно «
Следно »